На првиот собир со своите очекувања излезе тренерот Иван Чупиќ, кој порача дека амбициите на клубот остануваат непроменети.
Хрватскиот стратег истакна дека целта е повторно освојување на шампионската титула и Купот, но нагласи дека одбраната на трофеите ќе биде потешка од нивното освојување, особено затоа што сите директни конкуренти значително се засилиле.
„Целите секогаш ни се исти во првенството и Купот, Вардар секогаш цели кон двојна круна и нема ништо да се смени на тој план. Сепак, мора да разбереме прв јас, па и целиот тим. Едно е кога освојуваш, а друго кога браниш титула. Од денес почнува нов маратон, ама сигурно дека ќе биде потешко од минатата сезона. Што се однесува до Лигата на шампионите, целта е да се мине групата, да отидеме во главната фаза. Знаеме дека групата е тешка, секој тим во ова натпреварување е квалитетен. Си даваме големи цели, сакаме да играме со големи желби. Така сакам да се однесуваме, тоа е вардарски и тоа ги привлекува навивачите во сала. Со новите играчи ќе биде потребно малку трпение, да се адаптираат на македонската и на Лигата на шампионите. Мислам дека спортскиот директор и претседателот составија одличен тим и оваа сезона можеме со добра работа, понизни и со две нозе на земја на крајот пак да се радуваме.
Вардар не бара ништо, имаме тим од 20 играчи сосема доволно за она што нè очекува. Ростерот беше составен уште во март, тоа се играчи избрани со совети и од мене со управата, па ова е насока во која сака Вардар да оди. Сакаме млади играчи кои имаат желба да се докажуваат, да направат чекор кон тоа да станат врвни ракометари. Со неколку поискусни, екипата е многу млада, но сакаме со вардарската желба да се покажеме на сите фронтови во одлично светло“, изјави Чупиќ.
Тренерот на Вардар се осврна и на конкуренцијата во домашниот шампионат, оценувајќи дека битката за трофеите сезонава ќе биде поизедначена од претходно.
„Сите конкуренти се засилија, тоа стана нормално во македонскиот ракомет. И во минатата сезона беа многу амбициозна Пелистер, Охрид и Алкалоид. Така е и оваа сезона, сите ја подобрија екипата. Можеби Пелистер по две-три години со сличен состав, сега со нов тренер направи поинаков тим. Охрид исто така е одлично составена екипа. Алкалоид гледаме дека реши да оди во поинаква насока, со неколку поискусни играчи да го надополни младиот тим. Сметам дека сите имаат по 25% шанси за трофејот, а ние така ќе се однесуваме на теренот. Знаеме дека ја браниме титулата, Купот, ама маратонот ни почнува од денес и со многу работа сакаме пак да славиме во јуни. Нè чека многу тешка македонска лига, почит до сите“, додаде стратегот на „црвено-црните“.
Во рамките на подготовките, „црвено-црните“ ќе настапат на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ во Охрид, а кон крајот на август ќе ја почнат и сезоната во Регионалната лига, каде што се во група со Охрид, Војводина, Динамо Панчево и Будва.





