понеделник, 27 јули 2026

Бендевска: „Илинденски денови“ е фестивал со мисија и визија за аманетот што ни го остави Гоце Делчев

„Илинденски денови“ е вонредено важен фестивал со мисија и визија за културен натпревар меѓу народите што како принцип во аманет ни го остави најголемиот македонски син Гоце Делчев, истакна вечерва во Битола, Весна Бендевска, потпретседателка на македонското Собрание.

Објавено на

часот

Сподели

Прогласувајќи го фестивалот за отворен, Бендевска нагласи дека од оваа вечер Битола ќе биде точката на поврзување, на уметници од сите светски меридијани, центар на светот во кој се зборува на универзалниот јазик на музиката, песните, танците и ората.

„Собранието на Република Македонија како претставнички дом на граѓаните и традиционален покровител на овој фестивал, ќе продолжи и понатаму да дава силна поддршка на овој вонредено важен фестивал со мисија и визија за културен натпревар меѓу народите што како принцип во аманет ни го остави најголемиот македонски син Гоце Делчев. Затоа нека живее духот на Илинден низ битолските улици, нека биде победа на уметноста и традицијата“, нагласи Бендевска.

Пред гостите од градот, државата и странство, потпретседателката Бендевска потсети дека фестивалот „Илинденски денови“ претставува вистински простор за промоција на културното наследство во сите појавни форми, музиката, танцот, игрите, обредите, обичаите, традиционалните носии и сите останати формати на уметничкиот израз.

„Битола по кој знае кој пат пред светот ќе го промовира автентичниот, автохтон македонски фолклор со звуците на зурлите и тапаните, кавалите и гајдите во единствениот седум-осмински такт кој е оргинална македонска особеност. Битола ќе биде точката на поврзување, на уметници од сите светски меридијани, центар на светот во кој се зборува на универзалниот јазик на музиката, песните, танците и ората. Битола деновиве е градот кој ќе ги руши сите стереотипи, заблуди и предрасуди, промовирајќи дух на пријателство наместо ривалство, заедништво наместо поделби, прифаќање на разликите наместо нетолеранција, љубов наместо одрекување“, посочи Бендевска.

Според востановената традиција, на фестивалскиот почеток му претходеа дефиле на учесниците од земјата и странство по Широк сокак, првиот сценски настап го имаа членовите на КУД „Илинден“ со познатото оро „Комитско“, а пријатен престој во градот на делегациите им посакаа градоначалникот Тони Коњановски и директорот на НУ Центар за култура, Сашо Илковски, организатор и домаќин на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ