„Логично е – ако се парламентарни во октомври, можно е да бидат претседателските од крајот на декември до почетокот на јануари, а ако се во ноември, тогаш дефинитивно ќе бидат во јануари или можеби најдоцна на почетокот на февруари“, изјави Вучиќ за телевизијата Прва.
Тој претходно објави дека планира да биде кандидат за премиер на парламентарните избори, за кои вели дека би можеле да се одржат во октомври или ноември, и дека дотогаш ќе поднесе оставка од функцијата претседател.
Зборувајќи за парламентарните избори, тој изјави дека листата на владејачкото мнозинство ќе биде „неспоредливо помлада“ од студентската листа, и дека тој ќе биде меѓу постарите на таа листа.
„Со гордост ќе бидам на таа листа, без разлика на кое место ќе ме стават. 250, 72, прво, трето, петто… Воопшто не ми е важно“, кажа Вучиќ и додаде дека ќе ги прифати резултатите од изборите, какви и да се.
Според Вучиќ, на платформата „Кој си бре ти“ за пријавување корупција и арогантни функционери се примени 10.000 пријави, а одговорено е на 3.500.
Вучиќ тврди дека студентите демонстранти сега спроведуваат дејствија што претходно ги спроведуваше Српската напредна партија, а кои претходно беа критикувани од дел од јавноста, како и дека кол-центрите и броењето сигурни гласови се нормални партиски активности.
„Погледнете до каде оди таа лицемерие, како да ни ги испробуваат сите теории за лудило. „Студент се јавува“, па денес е нормално да се јавуваат дури и надвор од кампањата, оние што нам ни кажаа да вознемируваме, а сега тие ќе вознемируваат. Тоа е студентска акција за овие баби и дедовци кои се на нивниот список. Ни кажаа дека не смееме да работиме од врата до врата, а потоа имате „Студент во секое село“. Одат од врата до врата. Па зошто лажете и ја заведувате јавноста?“, кажа Вучиќ за ТВ Прва.
Тој кажа дека е важно изборите да се одржат и дека е „многу можно“ СНС да изгуби, но дека тие сигурно ќе ги пребројат гласовите.
„Јас истата вечер ќе кажам дека најлошите дошле на власт и ќе им се смеам во лице цело време, и од притвор и од затвор, и од гроб, пркосно и гордо. Го кажав ова метафорично, бидејќи тие не разбираат дека некој се борел со сето свое срце, со своите идеали, дека вложил сè во својот живот за да напредува оваа земја“, кажа Вучиќ.





