Тоа е еден од најпрепознатливите предлози од пошироката платформа на Мамдани за квалитетот на животот во еден од најскапите американски градови.
Првата таква продавница треба да се отвори кон крајот на 2027 година во Бронкс, а сите пет до крајот на неговиот четиригодишен мандат, според Асошиејтед прес.
„Триесет проценти попуст за жителите на Њујорк значи вистински пари“, кажа Мамдани на прес-конференција во магацин во Бруклин, стоејќи пред тезга за овошје и зеленчук.
„Во најбогатиот град, во најбогатата земја во историјата на светот, ниеден жител на Њујорк не треба да се грижи дали може да го прехрани своето семејство“, додаде тој.
Попустот би се однесувал на основни прехранбени производи како што се овошје, зеленчук, месо, морски плодови, млечни производи, ладна храна и производи за долготрајна употреба. Цените би се одредувале еднаш месечно и би важеле за сите клиенти, без оглед на приходот.
Њујорк го почна процесот на избор на приватни оператори кои ќе го водат секојдневното работење на продавниците.
Градот ќе ги обезбеди просториите и ќе ги покрие даноците за кирија и имот, додека приватни оператори треба да ги водат продавниците. Мамдани претходно го презентираше предлогот како експеримент за да ѝ помогне на работничката класа и да го намали притисокот од растечките цени на храната.
Локациите на продавниците во Бронкс и Менхетен веќе се избрани. Сè уште не е познато каде ќе се наоѓаат продавниците во Бруклин, Квинс и Стетен Ајленд.
Планот предизвика критики од некои мали трговци и сопственици на њујоршки бакалници, кои се плашат дека нема да можат да се натпреваруваат со продавниците кои имаат градска поддршка.
Мамдани кажа дека градските продавници нема да продаваат топла храна, пиво или цигари за да не преземат дел од најпрофитабилниот бизнис на приватните продавници.
„Не сакаме да се натпреваруваме со бакалниците или со продавниците за храна во нивниот опстанок. Сакаме да им обезбедиме загарантирана прифатливост на њујорчаните“, кажа Мамдани.
Критичарите претходно го исмеваа предлогот како прв чекор кон „комунистичките редици за леб“, но Мамдани тврди дека целта е едноставна: да се намали цената на основните прехранбени производи за жителите на градот.





