Од ДЗС велат дека пожарот во месноста „Дорутовец“ во Велешко и натаму е активен и се шири во правец на патот Велес–Штип, иако по денешните интервенции опасноста е намалена.
Како што информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), во гаснењето учествувале противпожарните авиони „ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување, пожарникари од Територијалната противпожарна единица Велес, месното население од селото Чалошево, како и екипа со цистерна од ЈП „Дервен“.
Поради чадот што ветрот го носи кон автопатот, Главниот штаб за управување со кризи побарал поддршка од Министерството за внатрешни работи за регулирање на сообраќајот, согласно потребите и состојбата на терен.
Од ЦУК информираат дека состојбата континуирано се следи од Главниот штаб за управување со кризи во координација со сите екипи ангажирани на терен.
До 18 часот, во државата биле регистрирани вкупно девет пожари на отворен простор. Од нив, четири се активни, ниту еден не е ставен под целосна контрола, додека пет пожари се изгаснати.





