вторник, 28 јули 2026

Владата активира кредитна линија од 10 милиони евра за откуп на оризова арпа и „вранец“

Владата донесе одлука со која се менуваат и дополнуваат условите за користење на средствата од компензациските фондови.

Објавено на

часот

Сподели

Постојната кредитна линија што се реализира преку Развојната банка добива конкретна намена за финансирање на откупот на оризова арпа и винско грозје од сортата вранец. Се активираат расположливи средства од постојната кредитна линија и слободни средства со кои управува Развојната банка. Вкупниот расположлив износ е 793.481.723 денари или околу 10,1 милиони евра. Од нив, 240 милиони денари се наменети за откуп на оризова арпа, а 553.481.723 денари за откуп на винско грозје од сортата вранец.

Максималниот износ на кредитот за откуп на вранец ќе изнесува 130 милиони денари, а за оризова арпа 30 милиони денари.

За оризовата арпа е предвиден рок на отплата до шест месеци, а за грозјето до девет месеци. За двете намени е предвиден грејс-период до три месеци и квартална отплата. Каматната стапка ќе биде фиксна и ќе изнесува еден процент годишно, без еднократна провизија за управување со кредитот.

„Одлуката ја носиме пред главниот период на откуп, кога на компаниите им се потребни значителни средства за преземање на производите, а приходите од нивната продажба или преработка се остваруваат подоцна. Со овој инструмент создаваме финансиска основа откупот да се одвива навремено, а предадениот род да биде исплатен во утврден рок. Барањата во рамките на секој од двата износа ќе се разгледуваат според редоследот на пристигнување“, информира владината прес-служба. 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ