Мечот започна со цврста игра и на двете страни, па првиот погодок беше постигнат дури по три минути, кога Дејан Манасков донесе водство за битолчани. Охрид возврати преку Ѓукиќ, а потоа успеа да се наметне. По израмнетиот старт, тимот од Охрид постепено го презеде контролата. Со голот на Ојлески во осмата минута првпат стигна до предност од два разлика, а во продолжението ја зголемуваше предноста. По првите 15 минути резултатот беше 7-4, додека Еурофарм Пелистер имаше сериозни проблеми да организира напади. До паузата разликата дополнително порасна и Охрид замина на одмор со убедливи 13-7.
Вториот дел започна во ист ритам, со уште два брзи погодоци на охриѓани за 15-7. Еурофарм Пелистер не успеваше да пронајде решение, па разликата продолжи да расте. Во 44. минута Охрид стигна и до двоцифрена предност од 20-10, со што практично го реши прашањето околу победникот. Во финишот битолчани успеаја само да ја намалат негативата, но немаа сили за пресврт. Филип Кузмановски беше најефикасен со девет гола, додека кај Охрид по пет дадоа Томислав Јагуриновски и Дарко Ѓукиќ.
Во второто полуфинале кое се игра вечерва ќе се соочат Вардар и Алкалоид, од каде ќе биде познат и вториот финалист во Купот на Македонија.






