Според предложениот состав, Ѓоко Велковски ќе биде нов министер за социјална политика, демографија и млади. На чело на Министерството за здравство доаѓа досегашниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, додека актуелниот министер за локална самоуправа, Златко Перински, ќе го преземе раководењето со Фондот за здравствено осигурување. За нов министер за локална самоуправа е предложен Иван Стоилковиќ, а Ерџан Демир е предложен за министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите.
„Зад нас се две години работа исполнети со сериозни предизвици, поставување цврсти темели, стабилизација на состојбите и реализација на значајни проекти. Сега следува период во кој фокусот уште повеќе ќе биде ставен на ефикасноста, динамиката и испораката на конкретни резултати за граѓаните. Нова енергија за ново забрзување. Во изминатиот период повеќепати посочив дека секој функционер мора да биде достапен, одговорен и целосно посветен на својата работа. Тоа останува принцип од кој нема отстапување. Граѓаните очекуваат темпо, дисциплина и резултати, а тоа ќе биде обврска на секој член на Владата“, рече Мицкоски.
Тој соопшти и дека ресорот за добро владеење се укинува како посебен владин ресор и неговите надлежности ќе преминат директно под Кабинетот на премиерот, каде ќе биде назначен секретар задолжен за следење на оваа област.
Премиерот информираше и дека Демократската партија на Турците постигнала договор за приклучување кон владината коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ќе добие министер без ресор.
„Владата го задржува истиот број министерства, но ќе има двајца вицепремиери помалку во споредба со досегашниот состав“, рече Мицкоски.
Воедно, со реконструкцијата се укинува посебниот ресор за добро владеење, чии надлежности ќе преминат директно под Кабинетот на претседателот на Владата. За оваа област ќе биде назначен посебен секретар кој ќе ја следи реализацијата на политиките поврзани со доброто владеење.
Мицкоски најави дека Влен ќе предложи министри за ресорите правда, култура и туризам, како и животна средина и просторно планирање, додека ЗНАМ ќе предложи кандидат за министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. Како што претходно пишуваше МКД.мк, Влен ќе раководи со шест министерства во реконструираната влада, за животна средина, економија, правда, евроинтеграции, култура и односи меѓу заедниците.
Од новите имиња, за министер за правда ќе биде предложен Јетон Шасивари, професор по уставно и административно право на Универзитетот „Мајка Тереза“.
За министер за култура е предложен актуелниот заменик-министер Садат Сулејмани, а со Министерството за односи меѓу заедниците, според неофицијални информации, ќе треба да раководи Агон Ферати, кој во минатото политички беше активен во партијата ДПА на Мендух Тачи во Тетово.
Според договореното во Влен, прв вицепремиер и министер за евроинтеграции останува Беким Сали, кој е и поранешен министер за здравство.
Со Министерството за животна средина и просторно планирање останува да раководи Мухамет Хоџа, а во истата министерска фотелја останува и Бесар Дурмиши како министер за економија.
Претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски попладнево на прес-конференција соопшти дека со владината реконструкција неговата партија го добива Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кое ќе биде раководено од досегашниот државен секретар во министерството Борче Серафимовски.
Димитриевски уште соопшти дека ЗНАМ во септември ќе добие плус уште едно заменик-министерско место, како што рече, во влијателно министерство.
Димитриевски информира дека Горан Минчев останува да го раководи Министерството за јавна администрација, а упати благодарност до сѐ уште актуелниот министер за правда Игор Филков за досегашниот професионален интегритет и посветеност.
Одговорајќи на новинарско прашање, Мицкоски рече дека сега Владата е фокусирна на изборот на новиот владин состав и ребалансот на Буџетот, а од септември, по летните одмори ќе започнат и промените во вториот и третиот ешалон на власта.
Освен владините промени, беа соопштени и нови кадровски решенија во ВМРО-ДПМНЕ. За претседател на Општинскиот комитет во Кичево е избран Дејан Пандилевски, во Битола нов претседател е Горан Ишков, а во Прилеп Христијан Тунески.
Партијата избра и ново раководство на своите организации. Тодор Митески е нов претседател на Унијата на млади сили, додека Марија Митева е избрана за претседателка на Унијата на жени.
И.О.






