вторник, 30 јуни 2026

Генералот Гринкевич во Скопје: Македонија останува важен сојузник во НАТО

Врховниот командант на Сојузничките сили на НАТО за Европа, генералот Алексус Г. Гринкевич, денеска престојуваше во официјална посета на земјава, при што во Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата оствари средби со министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски. Во рамки на посетата Гринкевич се сретна и со премиерот Христијан Мицкоски.

Објавено на

часот

Сподели

На средбата, министерот Мисајловски ја истакнал одличната соработка со Сојузничката команда за операции и нагласил дека припадниците на македонската Армија ќе продолжат да придонесуваат за безбедноста на источното крило на Алијансата, преку учество во мултинационалните сили на НАТО во Латвија, Бугарија и Романија.

Тој посочил дека државата продолжува да инвестира во модернизацијата и опремувањето на Армијата, како и во развојот на нејзиниот персонал, при што Лесната пешадиска баталјонска група неодамна ја доби оценката „борбено способна за извршување на мисијата“ според највисоките стандарди на НАТО.

На средбата со генерал-мајор Лафчиски се разговараше за актуелната безбедносна состојба, процесот на модернизација на Армијата и придонесот на земјава во реализацијата на Регионалните планови за одбрана на Алијансата. Беше нагласено дека географската положба на Македонија, како раскрсница на повеќе транспортни коридори, има значајна улога за мобилноста, отпорноста и брзиот одговор на НАТО.

Во рамките на посетата, генералот Гринкевич се сретна и со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски. На средбата било разговарано за актуелната безбедносна состојба, регионалната стабилност и натамошното продлабочување на соработката во рамките на Алијансата.

„Средбата претставува потврда на силното партнерство и заедничката заложба за мир, безбедност и стабилност. Како посветен и доверлив сојузник, Македонија продолжува активно да придонесува кон заедничките цели и вредности на НАТО“, објави премиерот Мицкоски на социјалните мрежи.

Според програмата на посетата, генералот Гринкевич ќе се сретне и со претседателката и врховен командант на Вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова, а утре заедно со генерал-мајор Лафчиски ќе ги посети припадниците на Армијата во касарната „Илинден“ во Скопје, каде ќе бидат презентирани дел од способностите, обученоста и подготвеноста на армиските единици.

Генералот Гринкевич, покрај функцијата врховен командант на Сојузничките сили на НАТО за Европа, ја извршува и должноста командант на Европската команда на Соединетите Американски Држави, а своите обврски ги извршува од седиштето на Врховната команда на сојузничките сили во Европа во Монс, Белгија. Од Министерството за одбрана оценуваат дека неговата посета претставува признание за придонесот на Македонија во колективната одбрана и потврда за довербата во способностите на Армијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ