„Од клиниките за торакална хирургија, кардиохирургија, урологија, детска хирургија, пластична хирургија, дигестивна хирургија и ОРЛ информираат дека непречено ги третираат сите пациенти, вклучително и пациентите предвидени за елективни оперативни зафати. Во овие клиники нема одложување на оперативната програма. На Клиниката за ТОАРИЛУЦ во моментот се згрижуваат итните пациенти, согласно тековната организација на работата“, се вели во соопштението од Министерство за здравство, кое е реакција на прес-конференција на СДСМ.
Според најновите информации, резервниот систем за климатизација функционира непречено и обезбедува соодветни услови за работа и третман на пациентите во клиниките.
„Инаку, бројот на хируршки интервенции бележи намалување во летниот период, што е вообичаена појава и не е поврзана со состојбата на системот за климатизација“, појаснуваат од Министерството за здравство.
Вчера СДСМ обвини дека поради дефект на хируршките клиники се откажуваат операции на пациенти.
Рената Младеновска, член на Извршниот одбор на СДСМ вчера на прес-конференцијата во Клиничкиот центар, рече дека се откажани операции на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентниот центар.
„Кога во хируршките сали нема услови за работа, не се одложуваат само операции.
Се одложуваат нечии надежи за оздравување, се продолжува нечија неизвесност, се доведува во прашање безбедноста на пациентите. Кој гарантира дека одложувањата се безопасни, кој ќе сноси одговорност ако се случат компликации поради чекање за операција? На една влада, секој пациент треба да и биде важен. Здравјето и нечиј живот не смее да се третираат селективно“, рече Младеновска и побара итно санирање на дефектот.






