Во образложението за наградата за главна женска улога, жирито наведува:
„Актерката Маја Љутков една од најтешките улоги на класичното писмо, Толстоевата Ана Каренина, ја изнесе суверено, модерно и длабоко промислено, претворајќи ја Анна во икона на модерното општество со која не е тешко да се поистоветиме. Лакот од несреќна, но цврсто вкоренета жена, до жена која губи сè поради љубовта, Маја Љутков го поминува навидум без напор, исцртувајќи ја судбината на жена која избира да има избор и со самото тоа плаќа висока цена за својата одлука. Оставајќи го отворено прашањето дали слободата е навистина можна или бегството станува нов вид затвор, како пред 150 години така и денес, зашто суштински ништо значајно не се променило – само модата и комуникациските канали.“
Во образложението за Гран при, жирито истакнува: „Наградата се доделува на силната и потресна драма која остава длабок емоционален траг и која го поставува прашањето во каков свет живееме. Брутално и искрено, современата адаптација на Толстоевата класика „Ана Каренина“ ги прикажува семејните проблеми и играта на моќ која тежиштето го префрла од конзервативното аристократско општество, во кое репутацијата е сè, кон социјалните мрежи и кршливиот инфлуенсерски свет, во кој репутацијата е сè. Каналите на комуникација и модата се поинакви, но и понатаму владеат хејтери, исто како и пред 150 години кога Толстој ја напишал сагата за жената која, поднесувајќи голема жртва, се бори за својата слобода. „Анна“ се темели на оригиналниот текст на Драгана Лукан Николоски, во кој режисерката Нина Николиќ суптилно ги водела актерите до трагичниот, но неизбежен крај. Во тој внимателно осмислен простор создаден е свет низ кој публиката можеше да ја почувствува приказната. Длабоко и вознемирувачки, а сепак толку секојдневно.“
По успешното гостување во Умаг, следната фестивалска изведба на претставата „Анна“ е закажана на Меѓународниот фестивал на камерна драма „Ристо Шишков“ во Струмица.
Публиката ќе може да ја погледне претставата на редовниот репертоар на Театар Комедија, а следната изведба е закажана за 23 септември 2026 година.






