вторник, 30 јуни 2026

Полскиот министер за одбрана: Нема да има авиони МиГ за Украинците, не го почитуваа договорот

Полскиот министер за одбрана Владислав Косињак-Камиш изјави дека Полска нема да испорача борбени авиони МиГ-29 на Украина бидејќи Киев не е подготвен да сподели технологија за производство на беспилотни летала.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Зборувајќи за телевизијата „Полсат њуз“, Косињак-Камиш рече дека ѝ понудил на Украина „партнерски пристап“ според принципот „МиГ-ови во замена за дронови“. Тој тврди дека украинските власти првично се согласиле со предлогот, но подоцна го отфрлиле.

„Го предложив она што го сметам за вистински партнерски пристап. МиГ-ови во замена за дронови. Украинците првично се согласија, но не го почитуваа тој договор, па затоа нема да има авиони МиГ за Украина бидејќи Полска нема дронови ниту можност да ги користи“, рече тој.

„Ги штитиме националните интереси многу порешително од претходните влади“

Тој додаде дека Украина има богато знаење во областа на развојот на беспилотни летала и дека размената на искуства и технологија треба да стане важен дел од солидарноста и воената соработка меѓу двете земји.

„Украина има толку значајни капацитети во областа на беспилотните летала што, во замена за воената опрема што ја доби, би можела да го сподели своето знаење со Полска и да обезбеди делумен пристап до нејзините технологии“, изјави Косињак-Камиш.

Тој нагласи дека сегашната полска влада во односите со Украина ги штити националните интереси многу порешително од претходните влади и инсистира на принципот на реципроцитет и солидарност.

Исто така порача дека не го смета за грешка тоа што претходната полска влада испрати воена помош за Украина без никакви услови на почетокот на руската инвазија. „Постапиле исправно. Ќе кажам повеќе: и јас би го направил истото. Украина беше во многу потешка ситуација тогаш“, рече тој.

Полјаците ќе добијат авиони Ф-35

Украина и Полска потпишаа билатерален договор за безбедност во јули 2024 година за време на посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Варшава. Документот предвидуваше разгледување на можноста за испорака на една ескадрила полски борбени авиони МиГ-29, односно најмалку 14 авиони.

Планот беше Полска да ги предаде авионите МиГ откако нејзините воздухопловни сили ќе ги добијат новите американски борбени авиони Ф-35, кои ќе ги заменат советските авиони. Кон крајот на 2025 и почетокот на 2026 година, полската влада подготвуваше нов пакет воена помош за Украина, кој требаше да вклучува оклопни возила и авиони МиГ-29.

Сепак, полскиот заменик-министер за одбрана, Цезари Томчик, на 15 јуни 2026 година потврди дека испораката на авиони е запрена бидејќи Украина не се согласила да ѝ обезбеди на Полска пристап до нејзините воени технологии поврзани со беспилотни летала и системи против беспилотни летала.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ