Според извештаите, повредени се и партнерката на Јермолаев и неговиот тринаесетгодишен син, објави Би-би-си. Родителите се во критична состојба.
Експлозијата се случила кратко пред 21 часот по локално време на улицата „Реверан Пер Луј Фрола“, во близина на границата со Франција.
Владата на Монако соопшти дека експлозијата е предизвикана од бомба поставена во пакет, додека државниот министер Кристоф Мирманд за Франс прес изјави дека експлозивната направа содржела завртки и метални топчиња, што укажува на намерата да се предизвикаат што е можно посериозни повреди.
Тој рече дека станува збор за „намерно предизвикана експлозија“ и дека полицијата истражува, според овој медиум.
Францускиот весник Фигаро објави дека снимките од безбедносните камери покажуваат маж како го остава својот ранец во лобито на зградата кратко пред експлозијата.
Владата на Монако соопшти дека осомничениот по нападот бил снимен како бега пеш кон Франција.
На местото на настанот беа испратени повеќе од 100 полицајци и припадници на службите за итни случаи.
„Колку што знам, ова е првпат во историјата да се случи ваков чин во Кнежевството“, изјави Мирманд.
Трите повредени лица се пренесени на лекување во болница во францускиот град Ница.
Принцот Алберт Втори го осуди нападот, нарекувајќи го „грозоморно злосторство“ и „шок за целата заедница на Монако“.
Тој додаде дека „сите релевантни владини служби се ангажирани во моментов“ и тесно соработуваат со француските власти.
Вадим Јермолаев е инвеститор во недвижности кој ја напуштил Украина пред неколку години. Украина му воведе санкции во декември 2023 година.






