Според партијата, новите информации што излегуваат во јавноста отвораат сериозни сомнежи околу реализацијата на проектите и користењето на европските фондови.
„Секој нов факт што излегува во јавноста сè повеќе ја руши маската на ДУИ. На Албанците им продаваа ‘каузи’, а зад затворени врати се договарале шеми, се вклучувале домашни компании и се вртеа милиони евра од европските фондови. Жителите чекаа канализација, а некој друг си ги чекал исплатите“, наведуваат од Влен.
Од партијата прашуваат кој профитирал од проектот, кој ги вклучил компаниите во неговата реализација, кој молчел и дали истрагата ќе ги опфати сите инволвирани.
Според Влен, граѓаните заслужуваат да дознаат каде завршиле средствата, кој остварил корист од проектот и зошто Зајас, како што велат, 24 години останал без канализациски систем.
Во соопштението се наведува дека Зајас повеќе нема да биде „заложник на ветувањата на ДУИ“ и дека ќе се работи на решавање на проблемот.
Од Влен бараат истрагата да оди до крај, да бидат проверени сите договори, исплати, компании и евентуални политички, деловни и семејни поврзаности поврзани со случајот.
„ДУИ зад себе остави долгови и сомнежи. Сега е време да понесе одговорност“, порачуваат од Влен.






