вторник, 30 јуни 2026

АСОМ: Законот за игрите на среќа ќе го поттикне црниот пазар и ќе ги загрози работните места

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) остро реагира по усвојувањето на Законот за игрите на среќа, оценувајќи дека станува збор за една од најштетните економски и правни одлуки, која наместо да ги заштити граѓаните ќе доведе до уништување на легалниот пазар и експанзија на нелегалното приредување игри на среќа.

Објавено на

часот

Сподели

Од АСОМ велат дека законот е донесен без суштински дијалог со индустријата, без транспарентна јавна расправа и без да бидат прифатени аргументите на домашните и странските експерти кои предупредувале дека предложените решенија се економски неодржливи, правно спорни и спротивни на европските стандарди.

Според асоцијацијата, постапката за подготовка на законот била нетранспарентна, бидејќи предлогот не бил објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), со што јавноста, стопанските комори, невладиниот сектор и засегнатите компании биле лишени од можноста да дадат свои забелешки и предлози.

Од АСОМ тврдат дека ниту една релевантна европска или светска практика не покажува дека затворањето на легалните приредувачи го намалува интересот за играње, туку дека рестриктивните модели доведуваат до развој на нелегалниот пазар, дивите обложувалници и нелегалните интернет-платформи, каде што нема контрола, заштита на играчите, наплата на даноци ниту механизми за спречување пристап на малолетници.

Асоцијацијата предупредува дека најголемата цена од законот ќе ја платат граѓаните и вработените во секторот, наведувајќи дека директно се загрозени околу 10.000 работни места, додека негативни последици ќе почувствуваат повеќе од 50.000 работни места во поврзаните дејности, меѓу кои информатичкиот сектор, обезбедувањето, транспортот, маркетингот и добавувачите. Дополнително, повеќе од 800 деловни објекти би можеле да останат празни, а државата, според нивните проценки, ризикува да изгуби повеќе од 350 милиони евра буџетски приходи.

Во реакцијата се наведува дека задолжителната дислокација на објектите, забраната лиценцираните приредувачи да организираат интернет игри на среќа, зголемените давачки и нарушувањето на стекнатите права од издадените лиценци ќе доведат до затворање на најголемиот дел од легалните приредувачи.

Од АСОМ оценуваат и дека новото законско решение создава нерамноправност на пазарот, бидејќи приватните лиценцирани приредувачи се исклучуваат од интернет-пазарот и се соочуваат со повисоки финансиски обврски, додека државата добива монополска позиција преку ексклузивното право за приредување интернет игри на среќа.

Асоцијацијата предупредува дека затворањето на легалните приредувачи нема да ја намали навиката за играње, туку ќе ја префрли во нелегалната сфера, каде што нема институционална контрола, наплата на даноци и механизми за заштита на малолетниците.

Од АСОМ најавуваат дека ќе ги искористат сите расположливи правни механизми за заштита на уставниот поредок, владеењето на правото и правната сигурност, при што ќе поднесат иницијативи до Уставниот суд за оценување на уставноста на Законот за игрите на среќа и на постапката по која бил донесен.

„АСОМ отсекогаш се залагала за современ европски закон кој вистински ќе ги штити играчите, ќе обезбеди одговорно приредување, современи механизми за контрола и фер пазарна конкуренција. Наместо тоа, Македонија доби закон кој ја уништува легалната дејност, го поттикнува црниот пазар, создава државен монопол и ја доведува во прашање егзистенцијата на илјадници семејства“, велат од асоцијацијата, додавајќи дека ќе продолжат со правната борба за, како што наведуваат, ново европско, правично и уставно решение.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ