среда, 1 јули 2026

Зајкова: Без отворени листи и една изборна единица нема вистинска изборна реформа

Претседателката на ЛДП и пратеничка Моника Зајкова смета дека црвената линија во разговорите за новиот Изборен законик не треба да биде само електронското гласање на дијаспората, туку и воведувањето отворени листи, една изборна единица и рамноправен изборен натпревар.

Објавено на

часот

Сподели

Како што изјави во гостување во централниот Дневник на МРТВ, по најавата на премиерот дека електронското гласање на дијаспората е црвената линија на Владата, ЛДП смета дека треба да се почитуваат и барањата на граѓаните кои живеат во Македонија.

„Нашата црвена линија не е само црвена линија на ЛДП, туку црвена линија која ја бараат 1,5 милион граѓани кои живеат во Македонија, а тоа е можноста за отворени листи и една изборна единица, но и рамноправен пристап и трка во изборниот процес“, рече Зајкова.

Таа посочи дека отворените листи воопшто не биле предмет на дискусија, бидејќи за нив немало интерес, додека за една изборна единица, според неа, постојано се отвораат нови предлози со цел реформата да не биде реализирана.

Зајкова оцени дека со поставувањето црвени линии завршува можноста за вистински консензус околу Изборниот законик.

„Не можеме на почеток да се договориме дека треба да постои консензус, а потоа консензусот да биде она што ќе го диктира владејачката коалиција“, истакна таа, додавајќи дека таквиот пристап ја затвора дебатата.

Таа информираше дека ЛДП веќе поднела конструктивни амандмани со кои ги предлага решенијата што ги застапува партијата, оценувајќи дека не треба да се занемарат барањата на граѓаните кои живеат во државата.

Во однос на предложените измени, Зајкова рече дека го поддржува олеснувањето на гласањето за дијаспората, но предупреди дека не смее да се отежне гласањето на граѓаните во земјата.

„Не е фер да не им го олесниме и правото на глас на оние кои живеат и придонесуваат во Македонија, бидејќи со ова решение се укинуваат гласачките места со помалку од 10 жители и тие луѓе ќе треба да патуваат десетици километри за да го остварат своето право на глас“, рече Зајкова.

Таа додаде дека доколку навистина постоела намера да се исполни реформската агенда, процесот за подготовка на Изборниот законик требало да започне многу порано, бидејќи, како што наведе, постоел готов текст уште од претходната владина гарнитура, кој ги содржел препораките на ОБСЕ и ОДИХР.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ