Од синдикатот на полициските службеници од општината во чии рамки е и граничниот премин Евзони кон нашата земја, коментираат дека „уште еднаш, полицајците и граѓаните стануваат сведоци на импровизацијата, неорганизираноста и бесчувствителноста што често ја карактеризираат грчката држава“.

Тие посочуваат дека иако примената на конкретниот систем беше позната со години, не биле преземени никакви мерки од Грција за: „суштинско, правилно и навремено просторно унапредување на граничните премини Евзони и Дојран, за да се овозможи непречено спроведување на биометриските проверки и регистрација“; за надградба и на застарените интернет линии и на инфраструктурата, но и дека земјата не презела мерки, алтернативно да побара одложување на примената на системот сè додека не се унапредат потребните инфраструктури и мрежи.
„Ништо од ова не беше реализирано. Резултатот: веќе имаме срамни сцени на границите. Чекање, тензии, граѓани кои ги напуштаат своите возила за да се заврши регистрацијата, па дури и бебиња кои полицајци ги поставуваат пред камерите за земање податоци на самите сообраќајни ленти. И сето тоа, пред почетокот на туристичката сезона, кога колони возила и патници, најмногу државјани на трети земји, ќе пристигнат во земјата“, соопштија од Унијата.
Тие велат дека е потребно итно дополнително зајакнување на граничните премини и нагласуваат дека ќе продолжат да го истакнуваат овој проблем.
Паралелно објавија и фотографии од граничниот премин Евзони со редици возила, но и редица туристи кои чекаат да бидат регистрирани преку новиот ЕЕС систем на ЕУ за државјани на трети земји.

Претседателот на Унијата на полициски службеници од Килкис Христос Карјотудис во разговор со дописничката на МИА од Атина, непосредно пред почетокот на примената на системот лани во октомври, предупреди дека ЕЕС може дополнително да го отежне функционирањето на преминот и оцени дека може да донесе и дополнителни доцнења и зголемување на времето на чекање на границите.
Минатата седмица, на 10 април почна целосната примена на ЕЕС системот на надворешните граници на Европската Унија, откако делумно почна да се применува од 12 октомври лани.
Влезот и излезот за државјани на трети земји се евидентира електронски, а системот овозможува обработка на основните биометриски податоци (отпечатоци од прсти и фотографија) сè со цел побрза идентификација и поефикасно следење на дозволениот престој во согласност со правилото 90 дена во период од 180 дена.
MИА
Фото: Унија на полицајци од Килкис






