Професионалниот војник при заминување од работното место, меѓу првите го забележал пожарот кој избувнал на улицата „Лазар Личеноски“, спроти Градскиот стадион. Оценувајќи дека постои опасност огнот да се прошири, веднаш алармирал и побарал поддршка од припадниците на Армијата кои ја извршувале службата на воениот стадион во Скопје.
„Проценувајќи ја сериозноста на ситуацијата и опасноста пожарот да се прошири врз останатите паркирани возила, војникот Божиновски веднаш стапил во контакт со командирот на воениот стадион во Скопје, барајќи поддршка за локализирање на огнот. Припадниците на Армијата кои ја извршувале должноста на воениот стадион во Скопје, веднаш пружале помош, употребувајќи противпожарни апарати од едницата“, се наведува во објавата на Фејсбук на профилот на Армијата.
Со употреба на противпожарни апарати и со брза дислокација на неопожарените возила, тие успеале да спречат поголема материјална штета до пристигнувањето на противпожарните екипи.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека пожарот бил пријавен околу 15:40 часот, при што гореле сува трева, смет и паркирани автомобили. Според првичните полициски информации, во пожарот е повредено едно лице, а опожарени се неколку возила.
Командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Звонко Томески, изјави дека во пожарот биле опожарени пет возила, од кои три делумно, а две целосно изгорени. На терен интервенирале три противпожарни возила и осум пожарникари, а пожарот бил локализиран и целосно изгаснат во 16:40 часот.






