Трипуновски, како што соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, нагласил дека на ниво на општина има над 7.000 хектари под лозов насад.
„Без разлика дали се работи за голема или мала општина, целта на кампањата е да се посетат сите краеви во нашата држава за да поразговараме за сите досегашни активности, за сите моментални активности. И една од поважните цели на оваа кампања е да ги слушнеме земјоделците, за во каква насока треба да се движи македонското земјоделство“, истакнал Трипуновски.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со поднесената интерпелација од СДСМ за него, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство рече дека „опозиција е безидејна, на која ѝ недостига сериозна конструктивност за да биде коректор на власта и која се соочува со внатрешни проблеми“, и затоа смета дека оваа интерпелација е неиздржана.
Трипуновски смета дека некој се обидува преку нарушување на угледот на министерот за земјоделство да гради личен рејтинг и да создаде привид на активност.
„Имаме доволно аргументи со кои ќе се соочиме и ќе покажеме што е сработено во изминатите две години, за разлика од нивните седум години“, додаде тој.
Љупчо Николовски, пратеник на СДСМ денеска на прес-конференција изјави дека пратеничката група на СДСМ, сите пратеници и коалицијата се потпишале на интерпелација за работата на министерот Трипуновски.
„Покрај барањата на синдикатите, здруженијата и економско-социјалните партнери, кои јасно и гласно бараат оставка, денеска ова е и наша граѓанска обврска и должност како пратеници да иницираме постапка за интерпелација, да се изнесат сите факти и аргументи и да направиме сè овој министер да си замине. Ова е интерпелација поднесена од нашата пратеничка група и тоа за еден од најнеспособните министри – човек кој наместо да ги штити земјоделците, ги понижува, ги осиромашува и им се заканува. Сите тоа јавно и јасно го зборуваат. Интерпелацијата ја поднесуваме поради сериозни, континуирани и веќе процесирани случаи на системска корупција невидена досега, злоупотреба на службената положба, кршење на законите и обврските на министерот дефинирани во законите, како и сериозно нарушување на функционирањето на Министерството и институциите во ресорот што го води“, истакна Николовски.






