Зборувајќи со новинарите во претседателскиот авион „Ерфорс уан“, на враќање од Феникс во Аризона кон Вашингтон, Трамп нагласи дека, дури и во случај на продолжување на примирјето, блокадата на иранските пристаништа ќе остане на сила.
„Можеби нема да го продолжам примирјето, но блокадата ќе остане. Тоа значи дека имаме блокада и, за жал, ќе мора повторно да почнеме со бомбардирање“, кажа американскиот претседател.
Трамп истакна и дека има одредени позитивни случувања во врска со Иран, но не сакаше да даде детали.
„Имавме некои прилично добри вести пред 20 минути, но работите се чини дека одат многу добро на Блискиот Исток кога станува збор за Иран“, им кажа Трамп на новинарите во авионот.
Кога беше замолен да разјасни за какви вести станува збор, тој одговори дека верува оти развојот на настаните ќе се одвива во посакуваната насока.
„Ќе слушнете за тоа. Мислам дека е нешто што треба да се случи и има смисла да се случи. Ќе видиме што ќе се случи, но верувам дека ќе се случи“, кажа тој.
Американскиот претседател се осврна и на односите со Кина, наведувајќи дека претседателот на таа земја Си Џинпинг, е многу задоволен од ситуацијата во Ормускиот теснец.
„Претседателот Си е многу среќен што Ормускиот теснец е отворен или брзо се отвора. Нашата средба во Кина ќе биде посебна и потенцијално историска“, објави Трамп на социјалната мрежа Трут соушал.
Тој додаде дека очекува да се постигне значителен напредок за време на таа средба.
Зборувајќи за преговорите со Иран Трамп нагласи дека никакви финансиски трансакции нема да бидат дел од евентуалниот договор и оцени дека разликите меѓу двете страни не се големи.
„Не мислам дека има премногу значајни разлики. Преговорите ќе продолжат во текот на викендот“, оцени американскиот претседател.






