Натпреварот за наградата „Роксан Стојанов“, со учество на сите 13 учесници, ќе се одржи денеска претпладне во МНТ. Жири-комисијата за наградата „Роксан Стојанов“ е во состав: Роксан Стојанов, ѕвезда на Париската опера, Антонио Конфорти, солист на Париската опера, Сандра Мијалкова, примабалерина на НОБ, Кристоф Ле Риголер, амбасадор на Франција, и проф. д-р Рисима Рисимкин, кореографка и уметнички директор на натпреварот.
Од сите 13 учесници, ќе биде направен потесен избор од најдобри пет финалисти, коишто ќе настапат на гала вечерта во МНТ и ќе се натпреваруваат за еднонеделен професионален престој во Париз, во месец јули 2026, под менторство на Роксан Стојанов.

Натпреварот е под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Роксан Стојанов е исклучителна уметница, со македонско потекло, чија кариера започнала во Скопје, а врвните достигнувања ги остварила во Европа, но и пошироко во светот. Во декември 2024 е прогласена за Ѕвезда на Париската опера, највисоко уметничко признание на оваа светска реномирана институција. На 21-то издание на „Танц фест“ во 2025 година, таа ја доби македонската награда – Менада за особен придонес во областа на танцот.
Натпреварот за наградата Роксан Стојанов е организиран од Интерарт и Францускиот институт во Скопје, со поддршка на амбасадата на Македонија во Париз.






