сабота, 18 април 2026

Германците со помош на нов пребарувач можат да дознаат дали предците им биле во Нацистичката партија

Нов онлајн пребарувач, кој им овозможува на корисниците да пребаруваат записи од нацистичката партија за да видат дали нивните предци биле членови, има регистрирано милиони посети откако беше пуштен во употреба претходно овој месец.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Германскиот весник Цајт ја објави големата база на податоци. Проектот е реализиран во соработка со архиви во Германија и Соединетите Американски Држави.

Партијата на Адолф Хитлер е основана по Првата светска војна, но добила значителна популарност дури по економскиот колапс за време на Големата депресија. Нејзината поддршка силно пораснала на изборите во 1930 година, а откако Хитлер дошол на власт три години подоцна, тој ги забранил сите други партии и воспоставил масовно движење кое ги контролирало сите аспекти од животот во Германија.

До крајот на 1930-тите „огромното мнозинство Германци го поддржуваа Хитлер и нацистичката држава“, според Музејот на холокаустот на Соединетите Американски Држави. Според Цајт, 10,2 милиони Германци се приклучиле на партијата помеѓу 1925 година и крајот на војната, а на нејзиниот врв таа имала околу 9 милиони членови.

Во последните денови од војната, нацистите се обиделе да ја уништат обемната збирка членски карти, но таа била зачувана во последен момент и подоцна предадена на Американците. Картичките потоа биле складирани во Берлинскиот документациски центар, а подоцна префрлени во Федералниот архив на Германија, додека копии се чуваат и во Националниот архив на САД.

Портпаролката на Цајт изјави за Си-ен-ен дека новата страница е прегледана милиони пати и споделена илјадници пати.

Раководителот на историскиот оддел на Цајт Кристијан Штаас потврди дека интересот е огромен. Тој изјави дека околу 75.000 луѓе секоја година контактираат со Германскиот федерален архив со вакви прашања, а кога Американскиот национален архив ги објавил записите на интернет, интересот бил толку голем што страницата привремено паднала.

Цајт добил пристап до овие податоци и развил едноставна опција за пребарување со помош на вештачка интелигенција.

„Овој вид интерес изгледа релативно нов. Исто така, веројатно е дека фактот што повеќето поранешни членови на нацистичката партија или лица поврзани со воени злосторства повеќе не се живи им олеснил на многумина да поставуваат прашања за сопствената семејна историја“, забележува Стаас.

„Истражувањата покажуваат дека многу малку Германци тврдат дека нивните предци го поддржувале нацистичкиот режим, додека многумина веруваат дека нивните семејства биле против Хитлер. Ова очигледно не може да биде вистина. Можеби овој пребарувач помага да се види минатото пореално“, додава тој.

Некои корисници ги споделиле своите искуства по пребарувањето. Корисничка со прекар Katha1927 открила дека двајцата нејзини дедовци биле членови на партијата. „Се прашувам кој датум на пристапување е полош: 1931 година, толку рано, веќе убедени уште тогаш? Или 1941 година, иако веќе знаеле многу?“, истакнала таа.

Друга корисничка, со прекар dudettes, напишала: „Повеќе од 40 години се прашував дали мојот прадедо бил член. Тој секогаш се лутеше кога ќе се споменеше војната. Сега имам одговор. Ви благодарам, Цајт. Иако многу боли“.

Корисничката со прекар Aunt Horst изјавила дека нивното семејно истражување претходно се фокусирало на еврејската гранка на семејството, која, како што вели таа, била „уништена во холокаустот“. Додала дека открила дека „ариевскиот“ сопруг на нејзината еврејска пратетка бил член на нацистичката партија од 1933 година. „Неговата сопруга, од која веројатно се развел, била убиена во мај 1942 година во логорот Кулмхоф“, напишала таа.

Кристин Шмит, ко-директорка на Виенската библиотека за студии за холокаустот во Лондон, истакнува дека пребарувачот е „голем придонес во истражувањето на нацистичкиот период“.

„На својот врв, нацистичката партија имала околу 8 милиони членови, а луѓето ѝ се придружувале од различни причини, поради економски очај, привлечноста на национализмот и харизматичното лидерство или сопствениот антисемитизам“, објаснува таа.

Додава дека достапноста на архивските податоци претставува „значаен чекор напред во справувањето со тој период и ужасите кои произлегоа од него“.

„Во време на зголемени дезинформации за историјата на холокаустот ова е и потсетник за моќта на оригиналните документи и нивната доказна вредност против негирање или искривување на фактите“, заклучува таа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ