„Израел не сака да ја обезбеди сопствената безбедност. Израел сака повеќе територија. Владата на (израелскиот премиер Бенјамин) Нетанјаху ја користи безбедноста како изговор за окупирање дополнителна територија“, изјави турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан на дипломатскиот форум во Анталија во јужна Турција.
Според шефот на турската дипломатија, освен палестинските територии (Појасот Газа, Западниот Брег, Источен Ерусалим), Израел сега се обидува да ја оствари својата доминација и врз териториите што им припаѓаат на Либан и Сирија.
„Ова е континуирана окупација и експанзионизам. Ова мора да престане“, додаде Фидан и потврди дека „Израел создаде илузија на меѓународно ниво преправајќи се дека бара само сопствена безбедност“.
Турскиот министер за надворешни работи во понеделникот веќе го обвини Израел дека сака да ја претвори Турција во свој „нов непријател“ откако израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац ја опиша Турција како „хартиен тигар“.
Фидан денес изрази жалење што конфликтот на Блискиот Исток ги забавува напорите, вклучително и оние кои ги презема Анкара, за прекин на конфликтот во Украина. „Ова ја стави војната меѓу Русија и Украина во втор план“, кажа Фидан и повика на продолжување на напорите за завршување на војната во Украина откако ќе се воспостави мир на Блискиот Исток.






