недела, 28 јуни 2026

Шасивари, Сулејмани и Ферати нови предлог-имиња за министри од Влен во реконструираната влада на Мицкоски

Иако вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали денеска изјави дека сѐ уште не се разговарало за имињата на новите министри во идната реконструрирана влада на премиерот Христијан Мицкоски, МКД.мк дознава дека веќе се познати персоналните решенија кои ќе бидат ставени на маса во преговирте помеѓу коалициските партнери.

 

Објавено на

часот

Сподели

Од новите имиња, за министер за правда ќе биде предложен Јетон Шасивари, професор по уставно и административно право на Универзитетот „Мајка Тереза“.

За министер за култура е предложен актуелниот заменик-министер Садат Сулејмани, а со Министерството за односи меѓу заедниците, според неофицијални информации, ќе треба да раководи Агон Ферати, кој во минатото политички беше активен во партијата ДПА на Мендух Тачи во Тетово.

Според договореното во Влен, прв вицепремиер и министер за евроинтеграции останува Беким Сали, кој е и поранешен министер за здравство.

Со Министерството за животна средина и просторно планирање останува да раководи Мухамет Хоџа, а во истата министерска фотелја останува и Бесар Дурмиши како министер за економија.

Kадровските решенија што ќе ги предложи Влен се дел од пошироката реконструкција на Владата.

Лидерот на Движењето ЗНАМ за наша Македонија, Максим Димитриевски вчера изјави дека има многу предлози и размислувања, индивидуални и партиски. Според него, кога се разговара во политиката, сите опции се на маса. Повтори и дека треба да се почека да се случи конечниот договор.

„Ние како владини партнери, а слушам и Влен исто така, како третиот партнер во власта, сè уште немаме постигнато конечен договор. Јас можам да говорам исклучиво во името на ЗНАМ, неговите членови, поддржувачи и сите негови кадри“, истакна Димитриевски.

​На прашањето, дали е прифатлива размената на ресорите земјоделство со правда, Димитриевски одговори дека сè уште нема такви предлози на маса и дека не би сакал да шпекулира.

„Многу понуди се на маса, ќе изброиме до три, а потоа ќе пресечеме и конечниот епилог ќе го имаме во вторник. А јас, инаку и со господинот Минчев и со господинот Филков и со сите луѓе со коишто заедно ја создадовме ЗНАМ, првенствено сме другари, лични пријатели и обединети околу една заедничка кауза, а тоа е Движењето ЗНАМ за наша Македонија, коешто е формирано од граѓаните и за граѓаните. Бидејќи нам, личниот и политичкиот интерес ни е многу помалку битен во однос на она што значи граѓански и општ интерес за сите. Не би сакал да ги коментирам шпекулациите во јавноста. Постојат многу медиуми што брифираат врз база на принципот „рекла-кажала“ и не би сакал да се спуштам на тоа ниво“, одговори тој.

​ЗНАМ е секогаш подготвен, нагласи, во интерес на поголем просперитет на државата и подобра благосостојба на граѓаните, да дава поддршка на Владата и владината програма, не водејќи се притоа од клиентелистички пристап да инсталира свои кадри во власта.

„Но, од друга страна, секогаш е потребно да преземете дел и од одговорноста во власта. И едно можам со сигурност да потврдам – дека по оваа владина реконструкција, ЗНАМ ќе биде посилен и кадровски и со потенцијал и во дел на располагање на директна имплементација на власта во ресорни министерства и пониски ешалони на власта“, порача Димитриевски.

Димитриевски посочи дека апсолутно се задоволни од работата на двајцата министри од ЗНАМ и на сите нивни претставници во пониските ешалони на власта. Притоа додаде дека резултатите во двете ресорни министерства каде што работат кадрите на ЗНАМ, се видливи.

Во однос на имињата кои ќе бидат предложени, Димитриевски рече дека тој е само предлагач, а конечната одлука ја носи највисокиот орган на партијата, а тоа е Централниот одбор помеѓу двата конгреса, а во овој случај дополнително и Извршниот одбор на партијата.

„И тоа ќе почекаме до вторник да видиме кои ќе бидат одлуките“, додаде тој.

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека најдоцна до 1 јули списокот со новиот владин кабинет ќе се најде пред пратениците во Собранието. Тој рече дека во интерес на процесот нема да коментира конкретни кадровски имиња, а се разгледуваат секакви опции, вклучително и промена на ресори.

Мицкоски најави и дека реконструкцијата нема да запре во министерските кабинети, туку во текот на летото ќе продолжи на локално ниво, каде што се скенира работата на директорите на јавните претпријатија и на подрачните единици.

Мицкоски веќе имаше средби со лидерите на Вреди Билал Касами и Изет Меџити и со лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски. Во текот на разговорите било нагласено дека реконструкцијата не се води од партиски или персонални интереси, туку од потребата за дополнително јакнење на институционалниот капацитет и уште поефикасна реализација на владината програма. Она што ќе биде кчлучно во оценката на функционерите, според брифингот од Владата, ќе биде достапноста за граѓаните, отчетноста за работата и посветеноста кон обврските.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ