„Еден од првите чекори по формирањето на владата ќе биде прекинување на вестите на тие пропагандни медиуми“, кажа Маѓар утрово додека гостуваше на државното радио Кошут, пишува агенцијата ДПА.
Подоцна денес, со речиси ист речник и многу борбено, ја повтори најавата и на телевизијата М1, која, како и радиото Кошут, е дел од радиодифузниот холдинг МТВА.
На забелешката на водителот на М1 дека откажувањето на вестите би било спротивно на законот, Маѓар одговори: „Вие сте тие кои не ги почитуваа обврските од законите за медиуми. Кога сега ме обвинувате дека го кршам законот, тоа е како крадец во продавница да ја повика полицијата на помош“.
ДПА пишува дека законот за медиуми создаден од Орбан и неговата партија Фидес во 2010 година ги прогласи сите медиумски институции кои беа дел од МТВА за институции од јавно право.
Според законот тие се обврзани да известуваат на избалансиран и непристрасен начин, но тоа никогаш не било случај во пракса, бидејќи Орбан секогаш бил претставен како позитивен, а опозицијата, особено Маѓар и неговата партија Тиса, како негативна.
Ова беше особено очигледно во изборната кампања кога на Маѓар не му беше дадена ниту можност да зборува на државните медиуми, а за него беа ширени бројни очигледно лажни вести, пишува ДПА.
Во новиот парламентарен состав опозициската партија Тиса ќе има двотретинско мнозинство, што значи дека ќе може да ги промени и медиумските закони на Орбан. Конститутивната седница на парламентот треба да се одржи до 12 мај, а формирањето на владата на Петер Маѓар се очекува до крајот на мај.






