Како започна приказната на фестивалот „Поточиња“ и која беше првичната идеја?
– Првичната идеја беше Поточиња да биде фестивал за деца од предучилишна возраст
кои со песна ја слават пролетта како годишно време во кое се буди природата,
сонцето, играта и насмевката. Сепак по првото одржување на Поточиња се изнедрија
голем број хитови и фестивалот стекна голема популарност и се приклучија деца од
училишна возраст и до ден денес трае пролетната приказна на Поточиња која ги
обединува сите деца кои ја сакаат музиката.
Што го прави овој фестивал посебен во однос на другите детски настани?
– Суштината на секој музички фестивал се песните. Посебноста на Поточиња е во
големиот број хитови кои се неизоставен дел од растењето на секое дете кое говори
македонски јазик. Мора да се потенцира дека секое фестивалско издание носи своја
приказна преку маскотата Поки и секое издание фестивалот издвојува порака што ја
испраќа до децата и до возрасните.
Колку години постои фестивалот и како се менуваше низ времето?
– Поточиња постои 23 години и низ времето се менуваше на продукциски и креативен
план, секогаш внимавајќи на највиско техничко ниво од секој аспект. Од друга страна
успеа да ја задржи автентичноста од почетоците што го прави препознатлив
фестивалот меѓу публиката.
Како се избираат децата учесници и песните?
– Децата – учесници се избираат по пат на аудиција која се одржува секој септември,
додека песните се работат во затворен круг каде во музичкиот дел последниот збор го
има композиторот Мирослав Пап кој е и основач на фестивалот.
Дали има голем интерес за учество од страна на децата и родителите?
– Интересот за учество е голем, но процесот на работа и подготовки трае седум месеци
и на крајот остануваат само најупорните. Како фестивал не работиме на принципот
побарана – добиена песна и директно учество на фестивалот, туку бараме од секое
дете да ги посетува пробите на кои ќе ги научи основите на вокална техника, хорско
пеење, сценски настап и танц.
Колку е важно едукативното и културното влијание на фестивалот врз најмладите?
– Тоа е најважната мисија на Поточиња, едукативно да влијае кај децата и да испраќа
пораки кои се соодветни за нивната возраст. Често одбиваме да работиме теми кои во
моментот се трендовски и знаеме дека би донеле поголем број гледаност, доколку
процениме дека тој моментален тренд негативно би влијаел кај децата.
Кој стои зад музичката продукција и авторите на песните?
– Авторскиот и продуцентскиот тим на Поточиња го предводи Мирослав Пап, а
изминативе години сме вклучени јас и мојот брат Леон Пап, а во тимот има и докажани
текстописци кои ги збогатуваат мелодиите со своите рими и пораки.
Како се одржува квалитетот на песните низ годините?
– Со умешност и дарба да се напише квалитетна детска песна. Едноставно некои
работи не можат да се предвидат колку и да се користи модерна продукција.
Фестивалот е успешен онолку колку што се слушани песните меѓу публиката , а тоа е
најголемиот доказ за одржлив квалитет.
Дали се следат современи музички трендови или се задржува традиционален стил?
– Како што наведов и погоре се користи комбинација од двете, односно се користи она
што за децата би било најсоодветно. Современите музички трендови во одредена
мера искомбинирани со вредностите на традиционалниот стил често даваат одлични
резултати.
Колку е комплексна организацијата на еден ваков фестивал?
– Организацијата на Поточиња е многу комплексна и бара многу внимание и
одговорност бидејќи станува збор за деца. Секој детал мора да биде добро
испланиран и да се мисли на секој аспект во организацијата на настанот.
Со какви предизвици најчесто се соочувате?
– Најчесто се предизвици материјален карактер, бидејќи идеите постојат и се трудиме
да ги реализираме, но со ограничени материјални средства мораме да ги
модифицираме и прилагодуваме.
Кој најмногу ви помага во реализацијата (институции, спонзори, партнери)?
– Поточиња има традиционални спонзори и поддржувачи, а фестивалот е проект од
национален интерес во програмата на министерството за култура за 2026 година. На
сите наизмерно сме им благодарни што со својата поддршка допринесуваат за
реализација на фестивалот.
Дали фестивалот има влијание врз развојот на детската култура во Македонија?
– Со оглед дека речиси нема градинка, училиште, манифестации и настани да не
поминат без песни од Поточиња, јасен е факторот на влијание во развојот на детската
култура на Поточиња во Македонија.
Имате ли примери на деца кои продолжиле музичка кариера по настапот?
– Голем број на учесници на Поточиња продолжуваат да се бават со музика или со
некој друг вид на уметност на што сме особено горди.
Кои се плановите за иднината на фестивалот?
Нови песни, хитови и само хитови. Тоа е она што го планираме во иднината бидејќи
без добри песни нема успешен фестивал. Се останато ќе си дојде како дополнително
освежување и подобрување на концептот.
Што за вас е најголем успех во однос на овој фестивал?
– Најголем успех е што Поточиња е национален фестивал, со армија на деца кои растат и армија на генерации кои израснале со фестивалот.






