„Подносителот на пријавата, политичката партија СДСМ не дава докази или околности во врска со своето тврдење, туку наведува во што се сомнева, а сомневањето не го поткрепува.
Потсетуваме дека СДСМ беше на власт 7 години, и тоа во периодот кој го посочува дека се извршени делата за кои тие се сомневаат и за кои поднеле кривична пријава. Доколку имало незаконско работење на ТВ Алфа во тие седум години, преку владините институции и судовите под нивна контрола, СДСМ можеле тогаш да поднесат кривична пријава и да очекуваат процес.
Но, и покрај сите контроли од сите институции на владата на СДСМ, не се утврдени кривични дејства ниту пак се утврдени некакви неправилности во работењето на ТВ Алфа и пријавените во кривичната пријава.
Откако СДСМ не утврдиле незаконитости и неправилности во период на нивното владеење за кое се однесува кривичната пријава, сега бараат институциите од новата влада да најдат нешто што тие не го нашле и што не постои.
Таргетирањето на политичка партија и ваков брутален притисок кон еден медиум со национална фреквенција, МАН и јавноста го доживуваат како обид за уништување на слободата на јавното мислење и новинарската професија.
А кога веќе отвора прашање за перење пари преку маркетинг, обвинителството и СДСМ треба да седнат и да утврдат дали и како се переле пари за партиски потреби на СДСМ преку Фондацијата Заеви и преку маркетинг агенцијата Токио, која се поврзува со нивниот поранешен премиер Димитар Ковачевски.
Уште еднаш го повикуваме јавното обвинителство по службена должност да си преземе мерки против политичката партија СДСМ и нејзините функционери согласно член 382 и 383 од Кривичниот закон, бидејќи, заканите кон новинар, снимател или друг медиумски работник и медиум кој врши професионална задача се третира како напад врз службено лице“, се вели во соопштението на Македонската асоцијација на новинари (МАН).






