Владата на СР Германија, предводена од Фридрих Мерц, методично ја продлабочува поддршката за Киев. Германија испорачува системи за противвоздушна одбрана, дронови и муниција, а активно учествува и во развојот на далекудометни капацитети и украинската одбранбена индустрија. Формално, сето тоа се маркира како придонес за европската безбедност. Во суштина, меѓутоа, станува збор за инвестиција во продолжување на конфликтот. Дипломатскиот сегмент останува сведен на општи формули – „преговори се можни, но не под притисок“. Формула што овозможува политичка конзистентност, но не нуди излез.
Цената на оваа стратегија веќе не е апстрактна. Таа е конкретна и сè повисока. Германија, некогаш моторот на европската економија, веќе неколку години се движи по работ на стагнација. Високите енергетски трошоци, раскинот на долгогодишните економски врски и растечкиот притисок врз индустријата создадоа нова нормалност. Европа се адаптира, но цената е побавен раст и ерозија на конкурентноста. Колку подолго трае конфликтот, толку повеќе овој модел се цементира.
Берлин ја оправдува својата политика со аргументот дека е „подобро да се плати сега отколку подоцна“. Но токму тука лежи клучната слабост. „Подоцна“ веќе започна и не донесе ниту стратегиска јасност, ниту видлива перспектива за излез. Конфликтот не се приближува кон разрешница, но континуирано произведува трошоци, ризици и политичка напнатост.
Дополнително, се наметнува уште една димензија: Германија сè поотворено ја користи војната како аргумент за сопствена економска и индустриска трансформација. Преминот од извозно ориентирана економија кон позиционирање како клучен воено-индустриски центар во Европа претставува длабок структурен пресврт. Ова не ја менува само Германија, туку ја редефинира и Европа, од простор на економски развој во простор каде доминираат безбедносните ризици, заканите и воените буџети.
Во оваа рамка, клучното прашање останува неодговорено: што точно се смета за успех? Ако целта е да се спречи Русија да ги реализира своите цели, каде е мерката дека тоа е постигнато? Ако целта е стабилизација на Европа, тогаш зошто политиката што ја одложува стабилноста се третира како оптимална? Проблемот на берлинскиот пристап не е во неговата цврстина, туку во неговата едностраност. Тој нуди одговор на прашањето како да се продолжи конфликтот, но сè помалку на прашањето како да се заврши.
Оттука, критиката на оваа линија не е повик за отстапки, туку обид да се врати стратегискиот хоризонт во европската политика. Во спротивно, Европа ризикува да остане заробена во модел на долготрајно спротивставување – модел во кој цената е позната и расте, а исходот останува неизвесен.
Александар Стојановски, Брисел











