Македонија со убедливи 33-18 ја совлада Бугарија во првото коло на светското ракометно училишно првенство кое се одржува во Скопје. Но, првиот дел го добивме само со 11-8. Тоа не му се допадна на селекторот Кузманоски.
„Едно лошо прво полувреме. Не беше лошо како полувреме, но пристапот беше лош, а кога се работи за една млада селекција не смее да се дозволи да го бираме противникот дали е добар или лош. Мора да бидеме конкретни во текот на целиот меч. Ни се случува два-три пати со послаби репрезентации каде што отвораме некако потешко, а потоа доаѓаме до посериозен резултат со поголема разлика, но како и да е можеби подобро работите сега да се случуваат да имаме увид за понатака да ги средиме што е можно побрзо. Без разлика што беше Бугарија, една школска екипа, покажаа дека знаат да играат ракомет. Нас ни следат уште три меча, тоа се Грузија, Република Српска и Саудиска Арабија. Секој противник треба да го гледаме со респект. Знаеме дека тие се дојдени со репрезентативни состави и ние ќе го дадеме максимумот, иако доаѓаме од медитеранско првенство, преовладува мал умор, имаме и двајца-тројца играчи со вирус и еден повреден, но тоа не значи дека треба да бараме алиби“, изјави селекторот Кузманоски.






