„Постојат повеќе намирници, пијалаци, лекови и додатоци во исхраната, покрај алкохолот, што можат да го оштетат црниот дроб“, вели гастроентерологот и хепатолог д-р Ли Ф. Пенг. Исто така, предупредува дека и лицата што не пијат можат да развијат заболување на црниот дроб поврзано со метаболизмот. Меѓу нив се наоѓа и еден пијалак што многумина го сметаат за здрав, а може да му наштети на црниот дроб.
Еден таков пијалак е овошниот сок, кој често се смета за здрав избор. Иако содржи витамини, стручњаците предупредуваат дека треба да се консумира умерено. „Овошните сокови треба да се консумираат умерено“, истакнува д-р Пенг.
Овошните сокови не треба целосно да се исклучат од исхраната
Хепатологот и гастроентеролог д-р Абдул Надир наведува: „Пиењето овошни сокови со секој оброк може да доведе до зголемување на телесната тежина и инсулинска резистенција“ и предупредува дека прекумерната консумација може да предизвика акумулација на масти во црниот дроб и сериозно оштетување кое може да биде „опасно по живот“.
Иако доаѓа од овошје, овошниот сок не е исто што и целото овошје. Недостатокот на растителни влакна и високата содржина на шеќер претставуваат проблем за црниот дроб. „Прехранбените влакна можат да го зголемат чувството на ситост, да ги намалат скоковите на шеќерот во крвта и да го намалат лачењето на инсулин. Главниот шеќер во овошните сокови е фруктоза“, објаснува д-р Пенг. Тој додава дека фруктозата во поголеми количини може да го поттикне акумулирањето на масти во црниот дроб и да ја влоши постоечката состојба.
Ова не значи дека овошниот сок треба целосно да се исфрли од исхраната. „Овошен сок во умерени количини е во ред“, напоменува д-р Надир, но нагласува дека не треба да биде секојдневен пијалак. Како подобра опција лекарите препорачуваат цело овошје. „Консумирајте најмалку две порции овошје дневно и избирајте свежо или замрзнато овошје“, заклучи д-р Пенг.






