вторник, 7 јули 2026

Апасиев прашува дали Уставниот суд ќе го примени принципот на Европскиот суд што пресуди против фаворизирање на големите партии

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, во пресрет на утрешната седница на Уставниот суд отвори прашање за еднаквиот пристап на политичките партии до ресурсите во изборниот процес, повикувајќи се на пресудата на Европскиот суд на правдата во случајот  „Зелените против Европскиот парламент“, се наведува во соопштението на Левица.

Објавено на

часот

Сподели

Апасиев потсетува дека Европскиот суд на правдата во 1986 година утврдил дека нефер распределбата на финансиските средства за политички субјекти може да создаде „неправедна предност“ и да ја наруши еднаквоста во политичкиот натпревар. Според него, овој европски правен стандард значи дека институциите имаат обврска активно да обезбедат рамноправни услови за учество на сите политички субјекти, а не да дозволат системски механизми што ги фаворизираат веќе етаблираните партии.

,,Во аргументацијата на одлуката, Судот укажа дека државите имаат „позитивна обврска да обезбедат еднаков и правичен пристап до политичките ресурси“! Тоа значи дека институциите не смеат да бидат неутрални, туку мораат да преземат мерки за да ја гарантираат рамноправноста на условите за политички натпревар”, посочува претседателот на Левица.

Тој смета дека изборниот систем кој предвидува финансиска поддршка исклучиво или претежно за оние партии кои веќе имаат избрани пратеници создава неправедна фаворизација и неоправдана предност за доминантните субјекти.

„Останува да видиме дали нашите осум актуелни уставни судии утре ќе го почитуваат овој став во однос на Левица“, наведува Апасиев, додавајќи дека станува збор за прашање на правна еднаквост, а не само за политички став.

Апасиев уште посочува дека одлуката на Уставниот суд ќе биде тест за примената на принципите на еднаквост и недискриминација во македонскиот изборен систем.

Уставниот суд на утрешната седница треба да расправа за прашања кои, според Левица, директно се однесуваат на рамноправноста на политичките субјекти и условите за фер политички натпревар.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ