вторник, 7 јули 2026

Пропадна уште еден обид за договор, власта и опозицијата разединети за гласањето на дијаспората и изборните правила

Измените на Изборниот законик повторно останаа без политички консензус, откако претставниците на парламентарните партии и денеска не успеаја да се договорат за клучните предлози на власта содржани во Изборниот законик. Власта инсистира дијаспората да може електронски да гласа, опозицијата предупредува на ризик од изборен фалсификат, а несогласувањата остануваат и околу бројот на изборни единици, отворените листи и начинот на носење на правилата за гласање.

Објавено на

часот

Сподели

Она околу кое најмногу се кршат копјата е начинот на гласање на дијаспората.

МН – Без компромис за гласањето на дијаспората

Координаторот на пратеничката група на Влен, Беким Ќоку, порача дека за владејачката коалиција е најважно македонската дијаспора да добие можност да гласа, без разлика дали тоа ќе биде по електронски пат или по пошта, доколку моделот е безбеден и усогласен со меѓународните стандарди.

„Нашата дијаспора не е само дознаки и помош на роднините. На неа не може да се сетиме само кога испраќа пари. Таа е неразделен дел од нашето општество и секако мора да има можност да биде дел и од политичкото одлучување. Ова ѝ го должиме. Ние не сметаме дека блокадите на опозицијата со илјадници амандмани му служат на овој процес. Граѓаните очекуваат решенија, а не пречки и блокади“, изјави Ќоку.

На ист став се и од ВМРО-ДПМНЕ. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски, денеска порача дека владејачкото мнозинство е подготвено да ги прифати сите решенија за изборниот модел што ќе ги договорат опозициските партии, под услов да биде обезбедено правото на дијаспората да гласа.

„Ние укажавме дека гласањето треба да се регулира со подзаконски акт, кој ќе биде донесен на Државната изборна комисија до крајот на август 2028 година. Од политичките партии, кои се од опозицијата, бевме информирани дека нема промена на ставовите. Ние како коалиција заедно со Влен и ЗНАМ понудивме еден друг модел, да седнат политичките партии, кои се дел од опозицијата, тоа се ДУИ, СДСМ, Левица, како и некои помали политички партии, и меѓу себе да се договорат за сите различности што ги имаат, бидејќи гледаме дека платформите им се исти, но се разликуваат во деталите. Сето тоа што овие опозициски партии ќе го понудат до нас преку еден пречистен текст на закон, ние тоа ќе го прифатиме“, кажа Стојаноски на денешната прес конференција.

На ова веднаш вратија од СДСМ. Пратеничката Јованка Тренчевска изјави дека СДСМ нема што да се договара со опозицијата за Изборниот законик.

– Нема што СДСМ да се договара со опозицијата. Проблемот е кај власта, кај Мицкоски кој сака да манипулира со 200 илјади гласови“, рече Тренчевска по средбата во Собранието за измените и дополнувањата на Изборниот законик.

Разидувања и околу изборните единици

Позицијата на Демократската унија за интеграција пак, е сосема спротивна на ставовите на другите партии.

Координаторката на пратеничката група на Европски фронт, Рина Ајдари, оцени дека разговорите пропаднале бидејќи, според неа, ВМРО-ДПМНЕ се повлекла од претходно договорените решенија. Како што кажа таа, ДУИ останува на ставот за една изборна единица, отворени листи и изборен праг од пет проценти.

„Со жалење ве информирам дека денешните разговори за усвојување на измените на Изборниот законик не успеаја. И не пропаднаа по вина на сите, туку поради повлекувањето на одредени политички партии од ставовите за кои претходно постигнавме договор. ДУИ со месеци активно и конструктивно учествуваше во работната група. За клучните прашања беше постигнат компромис, додека за некои други не беше постигнат договор. Сепак, усогласениот предлог беше доставен до Собранието, а ДУИ го потпиша токму во формата што беше договорена во рамките на работната група. ВМРО-ДПМНЕ прво се повлече од електронско гласање на дијаспората, и второ, од договорот подзаконските акти на ДИК што се однесуваат на електронското гласање на дијаспората да се донесуваат со консензус, барајќи тие да се усвојуваат со мнозинство гласови“ рече Ајдари.
Според Ајдари, таквите измени отвораат простор за политички инженеринг и го нарушуваат меѓуетничкиот и меѓупартискиот консензус што, според ДУИ, е неопходен при носење на изборните правила.

Од Левица пак предложија компромис. Партијата останува на барањето Македонија да биде една изборна единица, но понуди компромисно решение гласањето по пошта за дијаспората првично да се воведе само на претседателските избори како пилот-проект.

„Ние на маса ја ставивме една изборна единица. Имаме меѓу 70-80 отсто поддршка од македонското население. Мислиме дека ако околу нешто треба да се кршат копјата, треба околу една изборна единица, а не унапредување на системот на гласање на дијаспората, бидејќи тоа прашање се појави од нигде никаде, последните два-три состаноци на работната група за Изборниот законик. Во насока на демократизација на македонското општество рековме дека е во ред гласање на дијаспората по пошта само за претседателските избори какопилот проект. Тоа денеска на мое изненадување беше прифатено од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Ние како партија се сомневаме дека сепак тука постои договор помеѓу политичките партии една изборна единица да не помине“, рече Крмов.

Тој оцени дека процесот не смее да заврши со една политичка средба, туку дека се потребни дополнителни разговори за безбедносните, техничките и правните аспекти на евентуалното гласање на дијаспората.

Од Албанската лига пак, бараат отворени листи и осум изборни единици.

Претседателот Зијадин Села, порача дека неговата партија останува на ставот за отворени листи, осум изборни единици и можност дијаспората да гласа електронски или по пошта на сите изборни циклуси. Тој најави дека неговата партија ќе продолжи да ги блокира измените доколку овие барања не бидат прифатени.

„Имајќи предвид дека сме на дијаметрално спротивни страни во врска со темата колку изборни единици треба да има, постигнат е договор за да останат истите изборни единици, иако нашиот став е осум изборни единици. За жал, Влен излезе на избори  со теза за осум изборни единици, но денеска се послушници на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ и тие се за сѐ што ќе каже ВМРО-ДПМНЕ“, рече Села.

Села нагласи дека неговата партија се залага за гласање на дијаспората електронски и по пошта на сите изборни циклуси, а не да им се дозволува да гласаат само на одредени избори.

„На овој став се спротивставија СДСМ и Левица, блокираат  со амандмани. И ние блокираме со амандмани. СДСМ и Левица блокираат затоа што не сакаат дијаспората да гласа електронски. А ние блокираме затоа што сакаме дијаспората да гласа и за претседателски, за парламентарни и за локални избори. Не може така да се третираат наши државјани кои привремено живеат во Европа и други континенти и земји“, рече Села.

Иако сите политички партии декларативно се залагаат за реформа на изборното законодавство, неизвесно е кога измените на Изборниот законик ќе се најдат пред пратениците и дали воопшто ќе бидат усвоени.

И.О.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ