вторник, 7 јули 2026

Здрава котлина најави масовен отпор, обвинува дека Владата ќе продава земјиште за рударски концесии

Еколошкото здружение Здрава котлина упати јавен повик за, како што наведува, масовен отпор против владината одлука од 30 јуни 2026 година, објавена во „Службен весник“, со која, според здружението, се отвора можност за доделување концесии за геолошки истражувања во поголем број општини во источниот и југоисточниот дел на државата.

Објавено на

часот

Сподели

Во соопштението, здружението оценува дека станува збор за процес кој може да доведе до отворање нови рударски проекти и повикува на обединување на граѓаните, локалните самоуправи и еколошките организации во одбрана на животната средина и земјоделското земјиште.

„Додека обичниот народ се бори за пристоен живот, чист воздух и за заштита на сопствениот имот, луѓето во фотелјите со еден потпис решаваат да ја претворат нашата татковина во рударско решето. Ова не е битка меѓу политички партии, ниту е обична еколошка интервенција. Ова е генерациска, биолошка борба за опстанок на нашите семејства, на нашите домови и на плодната македонска земја. Дојден е моментот кога секој чесен граѓанин, без разлика на вера, нација или партиска припадност, мора да застане рамо до рамо со својот сосед. Обичниот човек со децении е злоупотребуван и лажен од поединци во високите структури на власта од секакви партии, но нашата сплотеност е бедемот кој никогаш нема да можат да го пробијат.
Офанзивата против источна Македонија и Југоистокот е системска и координирана и потпишана од заменик-премиерот Љупчо Димовски, и не е ништо помалку од декрет за претворање на нашата татковина во рударска колонија“, се наведува во обајвата на Здрава котлина на својата официјална фејсбук страница.

За Здрава котлина ова не е обично геолошко истражување, туку „прецизно скроена еколошка опсада“.

„Преку членот 3 од оваа владина одлука, во еден единствен простор се набиваат дури 27 општини – од Куманово и Кратово, преку Велес, па сè до Валандово, Гевгелија, Босилово, Василево, Струмица и Ново Село. Распродажбата на проспекциски концесии со толкава концентрација на толку мала и густо населена територија значи свесно укинување на животниот простор на македонскиот земјоделец. Високите структури на власта лажно ве спинуваат дека ‘сега само се пребарува, а не се отвораат рудници’. Тоа е најобична лага за смирување на масите. Секој уништувачки рудник во историјата започнал токму вака, со проспекција која утре ќе послужи за уцена на државата со ‘арбитража’, ‘веќе потрошени пари’ и ‘требало порано’ да се буниме. Оваа одлука за проспекции совршено се поклопува со подмолните измени на членот 55 од Законот за минерални суровини, според кој му се дозволува на концесионерот да добие дозвола за експлоатација и да почне да копа на туѓа, приватна земја пред постапката за експропријација да биде завршена“, тврдат од Здрава котлина.

Во објавата се прави споредба со политиките од 2014 година, кога беа доделени повеќе концесии за истражување на металични минерални суровини во источниот дел на Македонија, а авторите потсетуваат и на граѓанските протести и локалните референдуми против рударските проекти во Валандово, Гевгелија и Струмица.

Здружението најавува формирање локални координативни тела, бара целосна транспарентност на постапките за доделување концесии и повикува општините да ги искористат сите законски механизми при разгледување на евентуалните барања за мислење. Воедно, најавува и подготвеност за организирање протести доколку, како што наведува, започнат активности за реализација на нови рударски проекти.

„Борбата што е пред нас не е спринт, туку маратон на издржливост. Власта се надева дека народот ќе се умори, дека еколошките здруженија ќе се исцрпат и дека револтот ќе згасне. Затоа, нашиот одговор мора да биде паметен, долгорочен и максимално организиран. Сплотени, будни и решени да одиме до крај, Македонија нема да биде рударско депо! Време е за конечна одговорност пред народот! Нема да копате. Никогаш. Ниту вие, ниту оние по вас, ниту оние кои ќе дојдат по нив. Никој, никогаш, по ниту една цена!“, категорични се од Здрава котлина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ