среда, 22 април 2026

ЕУ почнува со изработка на пристапниот договор со Црна Гора

Амбасадорите на земјите членки на Европската Унија денес го поддржаа формирањето на ад хок работна група која ќе почне со работа на нацрт-договорот за пристапување за Црна Гора, земјата која најмногу напредна во пристапниот процес.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Кипарското претседателство вложи големи напори за да обезбеди формирање на работната група што е можно побрзо, особено имајќи ја предвид долгорочната техничка работа што треба да се заврши пред самиот почеток на изготвувањето на договорот за пристапување. Убедени сме дека ова ќе испрати силен сигнал дека пристапувањето е на дофат за партнерите за проширување“, изјави портпаролот на кипарското претседателство.

Црна Гора ги отвори сите поглавја од преговорите и затвори 14 од нив.

Комесарката за проширување Марта Кос во расправата во Европскиот парламент во понеделникот изјави дека Европската Унија мора да учи од минатите проширувања за да не го повтори случајот со Унгарија, чиј долгогодишен премиер Виктор Орбан се сметаше за тројански коњ бидејќи систематски блокираше низа одлуки.

„Лекцијата научена од проширувањето во 2004 година е дека мора да имаме заштитни мерки кои ќе обезбедат новите членки да ги почитуваат правилата и дека е обезбеден интегритетот на нашата Унија“, кажа Кос, додавајќи дека пристапниот договор со Црна Гора ќе биде првиот што ќе содржи вакви заштитни клаузули.

Таа истакна дека новите членки дури и нема да ги почувствуваат овие заштитни мерки ако ги почитуваат вредностите и принципите врз кои почива Унијата, но во спротивно навистина ќе ги почувствуваат.

„Не станува збор за создавање дополнителни критериуми за новите членки, туку за фактот дека ако земјите назадуваат во однос на нашите фундаментални принципи како што се демократијата и владеењето на правото, заштитните мерки мора да „гризаат“ и секогаш мора да можеме да ја заштитиме нашата Унија. Ни треба ова за да ја зачуваме довербата меѓу земјите членки, довербата на нашите граѓани и довербата во самиот процес на проширување“, оцени Кос.

Таа најави и дека ќе презентира финансиски пакет за Црна Гора пред летото.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ