Други земји исто така имаат свои непишани правила за тоа што е дозволено, а што не е дозволено на масата. Некои од овие правила се многу практични и интересни, а доколку планирате патување во една од овие земји, корисно е да ги знаете, пренесува Тејстинг тејбл.
Во Португалија не се бара сол и црн пипер
Португалија е полна со јадења што мора да се пробаат, а ниедно патување не би било комплетно без барем едно „пастел де ната“. Веројатно сте забележале дека португалската храна е беспрекорно зачинета и полна со вкус – тешко е да се најде јадење што не е зачинето. Португалците се гордеат со својата кујна, па затоа барањето сол и црн пипер на масата е голема грешка.
Во некои кујни вообичаено е солта и пиперот да бидат при рака, но во Португалија таквото барање сугерира дека храната не е доволно добра и се смета за навреда за готвачот. Иако кај нас веројатно нема никого да навредите, воздржувањето од дополнително зачинување е добар португалски обичај што вреди да се запамети.
Во Кина немојте да го изедете целото јадење од чинијата
Многумина од нас пораснале со родителски опомени дека чинијата мора да се „исчисти“ до крај. Потсетувањата за гладните деца ширум светот беа дел од растењето. Меѓутоа, тој обичај во некои делови од светот би се сметал за исклучително непристоен. На пример, во Кина никогаш не би требало да изедете апсолутно сè од чинијата.
Во Кина е пожелно да се остави барем мал залак на крајот од оброкот. Причината е едноставна: ако изедете сè, сигнализирате дека не сте добиле доволно храна и дека сè уште сте гладни. Оставањето на последниот залак, од друга страна, покажува дека домаќинот бил великодушен и дека сте сити. Така се избегнува непријатност.
Во Јапонија е пожелно гласно да се срка супа
Речиси секого барем еднаш го предупредиле да не џвака гласно, да не срка или да јаде со затворена уста. Јадењето тивко стана непишано правило, но во некои земји е токму спротивното. На пример, во Јапонија се смета за навреда да не се срка супа. Сркањето, иако бучно, покажува дека уживате во оброкот, додека тивкото јадење може да сугерира дека не сте задоволни. Овој културен обичај се однесува и на тестенините, па следниот пат кога ќе јадете јапонски тестенини, слободно сркајте ги.
Во Чиле не се јаде со раце
Многу јадења се јадат со раце, како хамбургер или пица, и во повеќето земји никој нема ни да трепне ако јадете со раце, освен ако тоа не го правите со јадење што вообичаено се јаде со прибор. Сепак, во земји како Чиле таквото однесување би било речиси незамисливо. Чилеанците речиси никогаш не ја допираат храната со раце од едноставна причина: тоа го сметаат за нехигиенско. Оваа практика многумина би можеле да ја усвојат.
Италијанците никогаш не бараат дополнително сирење
За љубителите на италијанската кујна, едно од најголемите уживања е кога келнерот ренда сирење врз тестенините и го чека вашиот знак да престане. Колку повеќе сирење, толку подобро, нели? Иако барањето дополнително сирење е вообичаено во рестораните инспирирани од италијанската кујна, таа практика никогаш не би требало да ја примените во Италија.
Колку и да е тешко да се поверува, Италијанците никогаш нема да побараат дополнително сирење во јадењето, освен ако тоа не им е конкретно понудено. Слично како барањето сол во Португалија, во Италија тоа се смета за навреда кон готвачот кој внимателно го подготвил јадењето. Премногу сирење лесно може да ги надвладее сите други вкусови. Наместо да барате дополнително сирење, дозволете вкусовите што веќе се во јадењето да дојдат до израз.
Во Тајланд не се јаде со виљушка
На Тајланд виљушките се користат, но обично во комбинација со лажица. Наместо со виљушката да ја носите храната до устата, Тајланѓаните со неа ја туркаат храната на лажицата, а потоа јадат со лажицата.
Можеби звучи необично, но има смисла. Додека лажиците се создадени да држат храна, виљушките не се – колку пати ви паднала храната од виљушка на патот до устата? Иако на почетокот може да изгледа несмасно, ова е практика што би требало да ја усвоиме бидејќи помага да се јаде поуредно.
Унгарците не чукаат со чаши при наздравување
Наздравувањето е практика во многу земји и се чини како убав начин за зближување. Сепак, постои една земја каде што треба да бидете внимателни со чукањето на чашите. Унгарците обично избегнуваат наздравување поради трауматски настан во историјата.
Кога Австријците ја задушиле унгарската револуција во 19 век, наводно ја прославиле својата победа со чукање со чаши. После тоа, Унгарците се заколнале дека никогаш нема да наздравуваат на тој начин. Иако денес не е голема социјална грешка, ретко ќе го видите овој обичај во Унгарија.
Во Етиопија јадат од заедничка чинија
Да очекувате сопствена чинија е грешка што не смеете да ја направите во етиопски ресторан. Користењето повеќе чинии се смета за расипништво – зошто да има неколку мали чинии кога сите можат да јадат од една голема, поставена на средината од масата? Во Етиопија е чудно да не се јаде од иста чинија.
Во Русија не се одбива понуден пијалак
Кога некој ќе ви понуди пијалак, можете учтиво да го прифатите, но можете и да одбиете без страв дека ќе го навредите домаќинот. Сепак, одбивањето пијалак се смета за неверојатно непристојно во некои земји, особено во Русија.
Ако некогаш ви понудат пијалак во Русија, би требало да го прифатите. Прифаќањето пијалак е знак на пријателство, а постои голема веројатност вашиот домаќин да се навреди ако одбиете. Русија има многу обичаи поврзани со пијалаците, на пример, правилниот бонтон налага по секоја здравица да се испие барем половина чашка пијалак.






