четврток, 25 јуни 2026

Здравствени состојби што можат да се влошат на топло време

За време на летните горештини, високите температури можат сериозно да ги влошат постоечките здравствени состојби, предупредуваат лекарите. Болните од срцеви заболувања, луѓето со камења во бубрезите, гихт и оние склони кон мигрена се особено изложени на ризик.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

На луѓето им се советува да пијат доволно течности, да престојуваат во разладени простории, да избегнуваат изложување на сонце и да проверат како се нивните роднини и соседи. Исто така, се потсетува дека малите деца и домашните миленици никогаш не треба да се оставаат без надзор во возилата.

За време на топлотните бранови, лицата со одредени здравствени тегоби може да забележат влошување на состојбата, лекарите издвојуваат четири состојби што се особено ризични.

Срцеви заболувања

Физиологот Мајкл Крафорд објасни како екстремната жештина влијае врз срцето.

„Кардиоваскуларниот систем мора да вложи дополнителен напор за да ослободува топлина и да го разлади телото. Тоа доведува до забрзана работа на срцето и засилено потење, што може да предизвика пад на крвниот притисок. Колку подолго престојувате на топло, толку е поголемо оптоварувањето на срцето“, вели Мајкл.

Топлото време може да предизвика и тахикардија, или забрзано чукање на срцето, што во некои случаи може да биде опасно по живот.

Камења во бубрезите

Урологот д-р Араш Акавеин предупредува дека луѓето се изложени на поголем ризик од камења во бубрезите за време на топлотен бран.

„Дехидратацијата во топли и суви услови претставува голем ризик за формирање камења. Колку повеќе се потите и губите течности, толку повеќе станува концентрирана вашата урина. Кога е премногу концентрирана, минералите полесно кристализираат и формираат камења“, предупредува докторот.

Гихт

Луѓето кои боледуваат од гихт, форма на артритис, треба да бидат особено внимателни во текот на летните месеци. Истражувањата покажуваат дека топлото и влажно време може да го зголеми ризикот од напади на гихт, дури и кога се престојува во климатизирани простории.

„Повисоките температури предизвикуваат зголемено потење, што може да доведе до дехидрација“, објаснува Здружението за едукација за гихт.

„Дехидратацијата, пак, може да го зголеми нивото на киселина во урината, што поттикнува напади на гихт“, додаваат од организацијата.

Главоболки

Промените во притисокот и температурата можат да предизвикаат главоболки, па затоа луѓето склони кон мигрена се поподложни на напади за време на топло време. Според Фондацијата за мигрена, една третина од заболените ја наведуваат дехидрацијата како предизвикувач.

Силната сончева светлина, исто така, може да предизвика главоболки и да ги активира нервните патишта чувствителни на светлина кои се поврзани со мигрената.

„Стресот предизвикан од високите температури, исто така, го зголемува нивото на кортизол, што е уште еден познат предизвикувач“, додава здравствената организација ВМЦ Хелт.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ