четврток, 25 јуни 2026

Клековски: Намалена е употребата на антибиотици

Намалена употребата на антибиотици, додека од друга страна – метформин, пантопразол и дијазепам во најголем дел се употребувани од граѓаните. Ова меѓу другото го кажа директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, на денешната прес-конференција.

Објавено на

часот

Сподели

На средбата со новинарите, Клековски говореше за лековите во државава 2023-2025 година во три сегменти: позитивна листа А, болнички лекови и лекови во условни буџети. Вкупната проценета вредност на лековите кои се финансираат од Фондот или од државата генерално во 2025 година се проценува на 11 милијарди денари, од кои најзначаен дел се условните буџети, или посебно скапите лекови.

„Имаме пораст од 34 проценти на употребата на лекови во однос на ’23 година, која се должи најчесто на воведувањето на нови, поскапи лекови. Односно, во позитивната А листа на воведување на 11 нови генерики, сите со повисоки цени од претходните просеци, и секако со огромниот раст од 80 отсто за условните буџети. Значи, растот од 34 проценти е генерално заради воведување на нови, поскапи лекови. Она што би го нагласил е дека имаме, првпат, намалување на употребата на антиинфективни лекови, вклучувајќи антибиотици, од 3 проценти, и тоа е единствената голема група на лекови каде што во ’25 имаме намалување и по број на издадени рецепти, и по износ“, сподели тој.

​Во Позитивната листа имало вкупно издадени 27 милиони рецепти, што е зголемување од околу 8 отсто, со буџет од околу 3,6 милијарди денари, кој е зголемен околу 21 процент. Најзначајно учество имаат лековите за срце, за крвта и за крвни садови. Тие учествуваат со над 1 милијарда денари во вкупно издадените рецепти.

„Она што би го кажал дополнително е употребата на лекови во условните буџети, каде што имаме највисок раст. Значи, растот најмногу базира на Клиниката за онкологија и Клиниката за детски болести. Значи, ова се посебно скапи лекови кои се достапни за онколошки случаи, за ретки болести или за автоимуни болести. Меѓутоа, имаме раст во сите категории. Значи, овие лекови се дистрибуираат во 14 установи од терцијарното здравство, исклучок е болницата во Струга за дијализа, каде што исто е овозможено современа терапија да биде достапна“, истакна тој.

​Притоа нагласи дека овој раст од 80 проценти во основа обезбедил елиминирање на листите за чекање во неколку подрачја. Нема веќе листа за чекање за хормон за раст, нема невклучени пациенти со цистична фиброза, нема невклучени пациенти со мултипла склероза на неврологија и повеќе други области, и очекуваат дека тука растот ќе се забави бидејќи се достигнал опфатот на преваленцата, односно на вкупниот број случаи.

Наведе три политички приоритети што остануваат за следниот период, зголемена контрола на масовните лекови, конечно да стартува е-рецепт за акутните лекарства, второ е воведување поскапи и посовремени лекови на позитивната А листа,.

„Во основа, сметаме дека државата треба да покаже поголема солидарност на поскапите лекови, бидејќи тие се тие што претставуваат финансиски товар на граѓаните за сметка на лековите кои се 30, 50 или 60 денари за месечна употреба. И третото е дека треба да направиме систем за поголема контрола на условните буџети за да го стабилизираме овој раст на условните буџети, односно на посебно скапите буџети. Надвор од овој извештај, го презентиравме и вклучувањето на нови лекови во 10 категории, односно во 10 генерички лекови, од кои девет се без доплата за граѓаните, еден е со минимална доплата за граѓаните – тоа е антиепилептикот, кој е воведен со интервентен увоз и е замена за лек што престана да се произведува и не беше достапен одреден период во земјата. Значи, во сите други девет категории, воведените лекови се без доплата, а во пет случаи, цената на новововедените лекови се со пониски референтни цени и доведува до намалување на референтните цени на лековите “, појасни тој.

​Како илустрација го издвои еден од овие 10 лекови, бронходилататор, кој се користи кај астма и кај ХОББ.

„Значи, во таа категорија имавме еден единствен лек подолг период, кој беше достапен по референтна цена околу 2.700 денари, без доплата за граѓаните, со партиципација од 300 денари. Таму има воведен нов лек. Новиот лек е ист по содржина, дозажа, и двата лека се произведени во земји членки на ЕУ. Меѓутоа, тој е со пониска цена, што доведе до намалување на референтната цена за отприлика 800 денари. Значи, вторововедениот лек ќе биде достапен без доплата за граѓаните, со партиципација од 160 денари“, истакна Клековски.

Оваа одлука, рече, да се воведе втор лек за да се напушти монополот на еден бренд е единствениот начин да се намалат цените на лековите. Без конкуренција, додаде, не можеме да постигнеме намалување на цените од ваков обем. Значи, вторововедениот лек е со помала партиципација, без доплата, и тој е тука. А првиот лек во моментот е со доплата од 800 денари. Постигнале начелен договор и очекува во следните неколку дена да го објават тоа дека ќе нема доплата или таа ќе биде минимална што ќе овозможи граѓаните да бираат на кој лек сакаат да останат.

„Значи, наша обврска е да обезбедиме генерички лек по најповолна можна цена. Граѓаните можат да изберат лек од кој сакаат производител, со тоа што ја плаќаат доплата меѓу утврдената референтна цена и цената во аптека за соодветниот лек, и тоа важи за сите лекови, не само за овие лекови. Зошто ова го правиме? Намалувањето на референтната цена ќе доведе до намалување на износот… Овој лек е вториот по износ во позитивната А листа. Значи, минатата година на 57.000 рецепти се потрошени 166 милиони денари. Со намалување на референтната цена се очекува заштеда до 50 милиони денари за Фондот, со обезбедување, повторувам, лек што ќе биде без доплата за граѓаните, исто така произведен во земја на ЕУ, со ист состав. Значи, не е тоа лек од Пакистан или од Бангладеш, па да се сомневаме дека има проблем “, подвлече Клековски.

И овие 50 милиони денари заштеда нема да бидат употребени за други цели, додаде тој, туку ќе бидат употребени за воведување нова, современа терапија.

„ Еве, можам да кажам, во истата категорија на бронходилататори, лековите за астма и за ХОББ, очекувам наредните месеци да воведеме најсовремен лек, трикомпонентен лек, како резултат на обезбедениот простор со оваа заштеда. Значи, сè што правиме е да ја зголемиме ефикасноста за да ослободиме простор за воведување на нова, посовремена терапија“, рече тој.

​Одговарајќи на новинарски прашања, тој најави од 1 јули конечно да се спроведе во аптеките проширувањето со антикоагуланси.

„И тогаш би очекувале во втората половина на годината, значи претпоставувам октомври-ноември, бидејќи има процедури што мора да се завршат, да го направиме следното проширување. Овој пат нема да бидат лекови веќе за срце, крвни садови и крвта, туку ќе бидат друга група на лекови. Нашата посветеност е секое полугодие во наредниот период да воведуваме барем еден лек од категоријата на нови, современи терапии“, истакна Клековски.

Прашан кои се лековите кои во најголем дел се употребуваат од страна на граѓаните

„Па, молекулите или генериките што се употребуваат во сите три години, 2023 – 2025 година, 10-те молекули што се употребуваат е генерално стандардна. Значи, има промена во редоследот, меѓутоа истите леков се. Значи, број еден е Метформинот кој се користи за метаболитички пореметувања. Тој од 1.900.000 рецепти во ’23-та пораснал на 2.036.000 рецепти. Број два е Пантопразолот, кој е за контрола на протонската пумпа на желудникот. На трето место е Дијазепамот, па Еналаприлот и така натаму “, рече тој.

За тоа дали очекува со е-рецепт да се зголеми контролата на издавање на лековите и според овие проценти, дали смета дека има злоупотреба, Клековски кажа дека постојат повеќе видови злоупотреба.

„Во основа, постојат повеќе видови на злоупотреби. Едната, најчестата, која верувам многумина од нас ја прават, е лек, за да се најде. Претпоставувам во многу домаќинства, еднаш годишно се отвора фиоката со лекови и се гледаат лековите со изминати рокови и се фрлаат. Како што фрламе низ прозорец топлинска енергија и друго. Значи, барање на една сигурност, да имаме лекови, да се најдат“, појасни директорот.

​Другата категорија на злоупотреби е пософистицирана, а тоа е двојна наплата на лековите. Лекови што се наплаќаат и на Фондот и на пациентот со лажни рецепти. Целта на поголемата контрола преку е-рецепт е да се елиминираат овие двојни наплати. Лек што се наплаќа на пациентот, а се наплаќа и на Фондот.

​„Во основа, бидејќи овој систем мора да е интероперабилен со „Мој термин“ и со Министерството за здравство, се очекува двата правилника кои се подготвени, се доставени во Министерството за здравство да се одобрат. И со нивното одобрување, системот е комплетно оперативен, бидејќи ние веќе делумно го користиме за хроничните рецепти. Меѓутоа, сега ќе има додадени десетици позадински контроли. Ова треба да ги намали злоупотребите, меѓутоа да ги заштити и сите во процесот – и матичните лекари, и аптеките, и граѓаните корисници“, подвлече Клековски кој се надева, ова да профункционира до крајот на годината.

Прашан и дали ќе добијат пари со ребалансот на буџетот тој кажа дека во предложениот буџет има предвидено зголемување на буџетот за ФЗО на над 1 милијарда денари.

„Најголем дел од ова зголемување е предвидено за зголемување на ставката за боледување, односно поточно за породилните надоместоци. Породилните надоместоци растат со побрза стапка од планираното во минатата година, и за да обезбедиме целосна сигурност во исплатата, извршена е корекција, најголема корекција во оваа ставка и на приходната и на расходната страна. Знаете дека средствата за породилните надоместоци доаѓаат од буџетски средства на Министерството за економија и труд. Така што во ребалансот има корекција и на приходната и на расходната страна, за да биде гарантирана исплатата, земајќи го предвид и растот на породилните“, одговори тој.

Околу двојните злоупотреби, беше прашан дали веќе имаат евидентирано такви случаи, или што покажуваат контролите.  – Значи, двојната наплата е најстандардната злоупотреба во здравствениот систем. Веќе еднаш имаме презентирано резултати од контролата кај матичните гинеколози. Значи, нешто што треба да е бесплатна услуга за пациентките, било наплаќано 500, 1.000, 1.500 денари нефискализирани износи. Значи, често е овој тип на… мислам, кај матичните гинеколози се покажа дека е често. Во аптеките немаме таква контрола извршено, меѓутоа во основа, поради непознавање на правата на пациентите, поради временски притисок за обезбедување на здравствената услуга и на лекот, можно е да се случуваат такви злоупотреби. Сите ние сме свесни дека првото прашање во аптека е „приватно или на рецепт“. И мене лично ми се случува мојот лек што го користам да го нема на рецепт, а го има за приватно. Не тврдам дека ова е масовно, значи не можам да го квантифицирам, меѓутоа како појава имаме сериозни показатели дека се случува – истакна директорот.

Воведувањето на овој систем со е-рецепт, рече, треба да доведе до рационализација.

„Во Србија моделот покажа над 10 отсто рационализација на бројот на рецепти откако се воведени овие позадински контроли што ние ги планираме да ги воведеме. Еден од примерите што колегите во Србија го кажуваат е дека рецепт издаден во Ниш, за 10 минути се реализира во Нови Сад, пошто рецептите ќе имаат и тајм-стемпови, што е невозможно – да подигнете рецепт во Ниш, а да ја реализирате во Нови Сад, и е очигледно во доменот на злоупотреби“, појасни Клековски.

​Беше прашан и зошто граѓаните, дел од нив, земаат лекови од странство, од регионот, од регионалните држави, нашите соседи, и тврдат дека се поевтини лековите.

„Да. Значи, цените на македонскиот пазар не се проблем само за лековите. Во Македонија ние имаме генерално повисоки цени во сите категории заради ограниченоста на пазарот. Македонскиот е најмал пазар во регионот и кога сте мал пазар, секако се повисоки цените. Јас го имам кажано примерот со лек, кој е имунотерапија за онкологија. Ние купуваме 6.000 вијали, Бугарија купува 65.000 вијали. Нормално, цените во Бугарија се пониски отколку тие во Македонија. Зборувам за легитимни лекови и за легитимни извори. Морам да предупредам дека дел од продажбата од непотврдени извори, од земји кои немаат соодветни стандарди за работа со лекови, не би сакал да ги коментирам. Повеќепати имам кажано за тоа “, рече тој.

​Она што можеме да го направиме, додаде, е како со примерот со бронходилататорот и посочи на една иницијатива од Словенија.

„Ќе има во наредните месеци состанок – регионален, организиран од Фондот за здравствено осигурување на Словенија, кој иницира групни набавки, меѓудржавни набавки, бидејќи на крај сите ние заедно од Југоисточна Европа сме релативно мали земји во однос на големите пазари. И во основа ќе се разговара за групни набавки за посебно скапите лекови. Уште еднаш да нагласам, со воведување на лековите на Позитивна листа, цените ќе паѓаат. Очекувам и за другите лекови како се проширува позитивната листа да се намалуваат цените “, подвлече Клековски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ