четврток, 25 јуни 2026

МЕПСО го прифати ревизорскиот извештај на ДЗР и веќе спроведува мерки за отстранување на забелешките

Новото раководство нема намера да ги игнорира или релативизира утврдените слабости, ги прифаќа наодите од извештајот и веќе спроведува мерки за отстранување на затекнатите состојби, велат од Електропреносниот сиситем – МЕПСО откако денеска Државниот завод за ревизија (ДЗР) го објави конечниот Извештај за работата на оваа компанија за 2024 година. 

Објавено на

часот

Сподели

Од МЕПСО велат дека ревизорскиот извештај го сметаат за важен инструмент за утврдување на реалната состојба во компанијата и основа за подобрување на управувањето со имотот, инвестициите, финансиските средства и човечките ресурси.

„Новото раководство нема намера да ги игнорира или релативизира утврдените слабости. Напротив, обврската на секое одговорно раководство е да ги утврди наследените проблеми, да ги претвори ревизорските препораки во конкретни мерки и да обезбеди тие да не се повторуваат“, велат од компанијата.

Во однос на забелешките поврзани со сопственоста на далекуводите, трафостаниците и земјиштето, од МЕПСО посочуваат дека станува збор за комплексни имотно-правни прашања кои произлегуваат од поделбата на поранешното Електростопанство на Македонија и распределбата на имотот меѓу новоформираните енергетски субјекти.

Според компанијата, електропреносната инфраструктура се протега низ целата држава и минува преку голем број државни и приватни парцели, поради што за секој далекувод и секоја локација е потребна посебна постапка пред Катастарот, локалните самоуправи и другите надлежни институции.

Во таа насока, во септември минатата година е формирана нова работна група со ЕВН Македонија за регулирање на сопственоста врз трафостаниците. Според договореното, процесот ќе се реализира во две фази – преку регулирање на сосопственичките права и преку утврдување на фактичката состојба кај објектите што сè уште не се целосно запишани.

Од компанијата информираат дека паралелно со имотно-правните постапки се работи и на расчистување на сметководствената евиденција.

Во текот на 2025 година биле активирани и сметководствено евидентирани завршени инвестиции во вредност од околу 18 милиони евра, кои со години не биле соодветно внесени во деловните книги.

Според МЕПСО, со тоа се обезбедува пореална слика за вредноста на имотот на компанијата, а тие податоци се важни и за утврдувањето на тарифата за пренос на електрична енергија.

„Постапката за проверка и активирање на останатите средства продолжува“, наведуваат од компанијата.

Во реакцијата на ревизорскиот извештај, МЕПСО признава дека повеќе инвестициски проекти со години се соочувале со доцнења, пролонгирање на рокови и зголемување на трошоците.

Како пример се наведуваат проектите за ревитализација на 110-киловолтниот далекувод меѓу Скопје и Велес и реконструкцијата на далекуводот меѓу Битола и Прилеп, чии договори биле склучени во време на претходни раководства.

По направената анализа, актуелното раководство го раскинало договорот за проектот Скопје – Велес, со образложение дека на тој начин се спречува продолжување на нефункционален договорен однос и се создаваат услови проектот да продолжи на економски и технички одржлива основа.

Од компанијата посочуваат и на проблемите околу изградбата на 110-киловолтниот далекувод Валандово – Милетково, каде што затекнале некомплетна урбанистичка документација и административни пречки кои ја блокирале реализацијата.

Според МЕПСО, документацијата во меѓувреме се комплетира, а постапката за набавка според правилата на Европската банка за обнова и развој веќе е во напредна фаза.

Посебно внимание од компанијата посветуваат на изградбата на 400-киловолтниот интерконективен далекувод меѓу Северна Македонија и Албанија, кој се смета за еден од најважните енергетски проекти во земјава.

Од МЕПСО велат дека проектот бил затекнат во сериозен застој, со ниска реализација на терен и покрај долгогодишното времетраење на договорот.

Поради недоволниот напредок и неисполнувањето на договорните обврски, договорот со претходниот изведувач бил раскинат, а во меѓувреме е склучен нов договор и проектот повторно е активиран.

„МЕПСО останува целосно посветен на завршувањето на интерконекторот со Албанија, кој е од стратешко значење за енергетската безбедност и регионалното поврзување“, наведуваат од компанијата.

Од МЕПСО информираат дека веќе се преземаат мерки за намалување на финансиските ризици на пазарот на електрична енергија.

Зголемени се финансиските гаранции, скратени се роковите за пресметка, а зајакнати се и механизмите за управување со дебалансите.

Според компанијата, целта е да се намали ризикот од создавање нови ненаплатливи побарувања и да се зголеми одговорноста на учесниците на пазарот.

Во однос на забелешките за дел од нововработените лица, од МЕПСО истакнуваат дека јавниот оглас бил распишан во 2023 година, а постапката завршена пред изборите во 2024 година и пред назначувањето на актуелното раководство.

Сепак, најавуваат дека ревизорските препораки ќе бидат разгледани и ќе се работи на воспоставување појасни и потранспарентни критериуми за идните постапки за вработување и унапредување.

Компанијата се осврнува и на сајбер нападот кој ја погоди институцијата пред доаѓањето на сегашното раководство.

Иако преносот на електрична енергија не бил нарушен, од МЕПСО велат дека веќе работат на дополнително зајакнување на сајбер-безбедноста во соработка со Европската банка за обнова и развој.

Во тек е и реализацијата на проектот Disaster Recovery Location, кој треба дополнително да ја зголеми заштитата на критичната инфраструктура.

Од компанијата најавуваат дека во наредниот период ќе биде изготвен детален акциски план за спроведување на препораките на Државниот завод за ревизија, со конкретни активности, рокови и одговорни организациски единици.

Особен фокус ќе биде ставен на регулирањето на сопственичките права врз електропреносната инфраструктура, усогласувањето на сметководствената и техничката евиденција, подобрувањето на кадровските политики и зајакнувањето на внатрешните контроли.

Од МЕПСО нагласуваат дека и покрај забелешките во ревизорскиот извештај, основната дејност на компанијата – сигурниот и стабилен пренос на електрична енергија – се одвива непречено, додека приходите од основната дејност и од прекуграничните преносни капацитети бележат раст.

„МЕПСО нема да бега од затекнатите проблеми. Ревизорските наоди ќе бидат искористени како основа за системско расчистување на наследените состојби, подобрување на корпоративното управување и воспоставување повисоки стандарди на одговорност, ефикасност и транспарентност“, порачуваат од компанијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ