четврток, 25 јуни 2026

Земјотресот во Венецуела е најлош во 100 години, пристигнува помош од сите страни (ВИДЕО)

Земјотресот со магнитуда од 7,5 степени што ја погоди Венецуела денес е најсилниот во повеќе од 100 години, според историските податоци од Геолошкиот завод на Соединетите Американски Држави (УСГС), а многу земји понудија да ѝ помогнат на јужноамериканската земја.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

УСГС регистрирал земјотрес со магнитуда од 7,7 степени во близина на брегот североисточно од Каракас на 29 октомври 1900 година, кој предизвикал „значителна штета“, според агенцијата.

Првичниот потрес со магнитуда од 7,2 степени во Венецуела се случи во средата во 18:04 часот по локално време, околу 200 километри западно од Каракас. По него следеше втор земјотрес со магнитуда од 7,5 степени на 45 километри оддалеченост, по што следеа околу 20 последователни потреси, според УСГС, кој го опиша настанот како „катастрофа за која се очекува да е од значителни размери“.

Според првичните податоци, најмалку 32 лица загинале, а повеќе од 700 се повредени. Но, се стравува дека бројот на загинати би можел да биде драстично поголем.

Десетици згради се урнаа или се сериозно оштетени во федералната покраина Ла Гваира, северно од Каракас, откако двојниот земјотрес ја погоди земјата, објави денес Франс прес.

Очевидци забележале многу луѓе како ги бараат своите најблиски меѓу урнатините во темница поради прекинот на снабдувањето со електрична енергија.

Неколку земји понудија помош за Венецуела, вклучувајќи ги и САД, кои ќе испратат спасувачки екипи и хуманитарна помош, јавуваат агенциите.

Солидарност и поддршка изразија многу јужноамерикански, како и европски и светски земји.

Шефот на американската дипломатија Марко Рубио објави на социјалната платформа Икс дека САД стојат покрај венецуелскиот народ во овој тежок момент и дека Стејт департментот веднаш ќе испрати спасувачки екипи, медицински работници и хуманитарна помош во Венецуела по наредба на претседателот Доналд Трамп.

Тој изрази сочувство до народот на Венецуела.

Привремената претседателка на Венецуела Делси Родригез објави на Икс дека разговарала по телефон со Рубио, кој изразил солидарност за народот на Венецуела во тешкиот момент.

Мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум изрази солидарност со Венецуела во објава на Икс, велејќи дека наредила подготовка на потребната помош за земјата, која побарала спасувачки екипи и здравствени работници.

Салвадорскиот претседател Наиб Букеле објави дека 300 спасувачи и 50 тони опрема, лекови и неопходни работи се подготвени за Каракас.

Индискиот премиер Нарендра Моди, од друга страна, кажа дека Индија е подготвена да ѝ помогне на Венецуела и изрази длабоко жалење за уништувањето и солидарност со погодените. Кина објави дека е подготвена да ѝ ја обезбеди на Венецуела „целата потребна помош“.

Изрази на поддршка и солидарност се испратени и од Европа. „Нудиме целосна поддршка на венецуелскиот народ по разорните земјотреси“, рече шпанскиот премиер Педро Санчез, додавајќи дека Шпанија е подготвена да испрати сета потребна помош.

Германската војска соопшти дека е подготвена да испрати итна помош во Венецуела, испраќајќи шест авиони за помош и спасувачи. Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека со загриженост ги следи последиците од земјотресот, а владата во Рим е подготвена да обезбеди помош и ќе побара од Европската унија да го активира механизмот за цивилна заштита.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ