четврток, 25 јуни 2026

Цените на нафтата паднаа на ниво од пред војната против Иран

Цените на нафтата паднаа на нивоа невидени од почетокот на војната во Иран, а сообраќајот на клучниот морски пат низ Ормускиот теснец постепено се обновува. Глобалната референтна цена на нафтата Брент накратко падна под 72,48 долари за барел, ниво забележано еден ден пред Соединетите Американски Држави и Израел да го нападнат Иран на 28 февруари. Цената подоцна се стабилизираше на 72,63 долари, пишува Би-би-си.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Цените на енергијата нагло пораснаа откако Иран, како одговор на нападите, практично го затвори теснецот, клучен воден пат за испораки на нафта и гас.

Сепак, цените на сировата нафта се во остар пад откако САД и Иран го потпишаа меморандумот за разбирање на 17 јуни, со кој беше утврден рок од 60 дена за преговори за нуклеарната програма на Техеран и други мерки за завршување на војната.

Претставници на двете страни се состанаа минатиот викенд во Швајцарија на разговори за завршување на конфликтот, што резултираше со делумно укинување на американските санкции врз извозот на нафта од Иран.

Според податоците на компанијата за поморско информирање Кплер, бројот на бродови што минуваат низ Ормускиот теснец значително се зголемил од потпишувањето на меморандумот.

Кплер соопшти за Би-би-си дека меѓу бродовите што минувале низ поморскиот пат во последните денови имало танкери со сирова нафта, течен природен гас (ЛНГ), ѓубрива и друга стока.

САД и Иран воспоставија и „комуникациска линија“ за да спречат недоразбирања, „со цел да се обезбеди безбедно поминување на комерцијални бродови низ Ормускиот теснец“, изјавија медијаторите Катар и Пакистан во заедничка изјава во понеделникот.

Димитрис Манијатис, извршен директор на компанијата Марикс, која се бави со советување за поморски ризици и соработува со бродови заглавени во регионот, кажа дека имало „огромна промена“ и дека во последните денови значително повеќе бродови го користеле теснецот.

Неговата компанија проценува дека од понеделникот, по првата рунда мировни преговори меѓу САД и Иран во Швајцарија, околу 80 бродови поминале низ Ормускиот теснец.

Тој објасни дека ограничен број бродови можат да поминат низ северниот премин со дозвола од иранските власти.

Маниатис додаде дека американската морнарица, исто така, им дала упатства на бродовите да патуваат по јужната рута, која е безбедна од мини и други пречки поставени од почетокот на војната.

И покрај ова, бројот на бродови што минуваат низ теснецот е сè уште помал од предвоените нивоа, кога повеќе од 100 бродови го користеа дневно. Стотици бродови сè уште чекаат во Заливот.

Цените на горивата на бензинските пумпи нагло пораснаа со почетокот на војната во Иран, а сега прашањето е колку брзо ќе паднат.

Просечната цена на обичниот бензин во САД падна на околу 3,93 долари за галон, откако достигна врв од 4 долари во април, највисоко ниво од 2022 година, но сè уште е далеку над предвоените нивоа.

Американскиот претседател Доналд Трамп во средата нареди истрага за големите енергетски компании, обвинувајќи ги Шел, Ексон мобил и други дека „ги дерат“ возачите со тоа што не ги намалуваат цените на горивата и покрај падот на цените на нафтата.

„Цените на нафтата паднаа толку многу, а на бензинските пумпи не гледаме ништо што би одговарало на тој пад“, изјави Трамп пред новинарите во Овалната канцеларија. Американскиот институт за нафта, кој ја претставува нафтената и гасната индустрија во САД, објави дека цените на горивата „не се движат во чекор со сировата нафта“.

Британските енергетски компании, исто така, се соочија со слични обвинувања за неправедно зголемување на цените на горивата од почетокот на војната со Иран. Сепак, британскиот надзорник за конкуренција минатиот месец изјави дека нема широко распространети докази за ова, додавајќи дека просечните маржи на профит помеѓу февруари и март останале „во голема мера непроменети“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ