четврток, 25 јуни 2026

Во Франција соборен температурен рекорд, 72 департмани под црвено предупредување (ФОТО)

Франција забележа најтопол ден од почетокот на мерењата во 1947 година, додека бројот на департмани под највисоко, црвено предупредување за топлотен бран се зголеми на 72.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Според податоците на националната метеоролошка служба Метео Франс, националниот термички индикатор, кој ја претставува просечната температура измерена на референтните метеоролошки станици низ целата земја, вчера достигна 30 степени Целзиусови, пренесе Фигаро.

Со ова беше соборен рекордот поставен само еден ден претходно, кога просечната температура беше 29,9 степени.

Метеоролозите велат дека врвот на топлотниот бран веројатно е достигнат, но предупредуваат дека денеска ќе биде исклучително топол ден и тежок за населението.

Дополнителни 14 департмани се ставени под црвено предупредување, со што под највисоко ниво на тревога сега се наоѓаат вкупно 72 департмани каде што живеат приближно три четвртини од населението на Франција.

Метео Франс соопшти дека црвеното предупредување за топлотен бран ќе биде укинато во 11 департмани на западот од земјата од 22 часот вечерва.

Финистер, Кот д’Армор, Манш, Морбијан, Лоар-Атлантик, Вандеја, Шаран-Маритим, Жиронд, Ланд, Пиринеи-Атлантик и Горни Пиринеи ќе бидат спуштени на портокалово ниво на предупредување најмалку до петок.

Според прогнозите, студениот бран прво ќе го погоди атлантскиот брег, каде што вечерва се очекува невреме со грмотевици кое постепено треба да ги намали температурите.

Сепак, метеоролозите предупредуваат дека постудениот воздух полека ќе се шири кон внатрешноста на земјата.

„Постудениот воздух на запад тешко успева да продре до останатиот дел од земјата, а топлотните бранови ќе продолжат на поголемиот дел од територијата во текот на викендот“, рече Беноа Томас, директор за институционални односи во Метео Франс.

Според него, максималните дневни температури во многу области на Франција во текот на наредните денови ќе продолжат да се движат помеѓу 40 и 42 Целзиусови степени.

Највисоките температури вчера беа измерени во западните делови од земјата. На местата Палуо во Вандеја и Пизос во департманот Ланд се забележани 43,8 степени.

Во Нант и Ла Рошел температурата достигна 42,2 степени, додека во Париз беше 40,3 степени.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ