„Во творештвото на Ален Милковски, Комисијата препозна искреност, зрелост и длабока чувствителност – вредности што ја надминуваат уметничката форма и зборуваат за човекот зад делото. Неговата работа, која ги опфаќа цртањето, пишувањето и креативното изразување, отвора теми за ранливоста, болката, надежта и човечката сила, потсетувајќи дека уметноста не е само естетика, туку и простор за разбирање, сочувство и промена“, се вели во соопштението од Фондацијата.
Посебно значење за Фондацијата има тоа што дел од неговата инспирација произлегува и од приказната на Фросина, преточена во искрена порака за поголема свест, одговорност и грижа за човечкиот живот.
Фондацијата му честита на Ален Милковски и му посакува неговиот творечки пат да продолжи со истата искреност, храброст и посветеност. Веруваме дека неговиот уметнички глас ќе продолжи да отвора важни општествени прашања и да инспирира нови генерации.
„Воедно, Фондацијата изразува искрена благодарност до сите кандидати кои аплицираа на овогодинешниот конкурс. Секоја апликација носеше своја приказна, талент и визија, а изборот беше исклучително тежок. Комисијата имаше привилегија да се запознае со млади луѓе чија креативност потврдува дека иднината на македонската уметност има силна, храбра и инспиративна генерација“, се вели во соопштението.
Фондацијата „Фросина Кулакова“, нагласуваат оттаму, останува посветена на својата мисија – да ги поддржува младите таленти и да ја афирмира уметноста како простор каде што се раѓаат надежта, емпатијата и општествената одговорност.






