Според него, дозволувањето на патниците да го заобиколат биометрискиот Систем за влез и излез (ЕЕС) е единствениот начин да се спречи сообраќаен хаос во текот на летниот шпиц, а други европски службеници на аеродромите предупредуваат на слични проблеми, пишува Гардијан.
Според новиот систем дизајниран за контрола на надворешните граници на блокот, државјаните кои не се членки на ЕУ, вклучително и Британците, мора да дадат отпечатоци од прсти и да се подложат на скенирање на лицето при прв влез во Унијата. Системот првпат беше воведен минатиот октомври, а беше целосно имплементиран кон средината на април по серија одложувања.
Поради техничките тешкотии, ЕЕС предизвика долги редици дури и пред врвот на летната туристичка сезона, поради што некои патници дури ги пропуштиле своите летови.
„Многу сме загрижени за летото“, изјави за Фајненшл тајмс Марко Тронконе, извршен директор на компанијата Аеропорти ди Рома, која управува со аеродромот Фјумичино и помалиот аеродром Чампино. На скала од еден до десет, Тронконе вели дека неговата загриженост сега е на „осум или девет“.
Тој додава: „Оваа постапка се покажа како неконзистентна со најголемиот сообраќај со кој ќе се соочиме. Затоа, единствениот начин е да се отвори вентилот. Нема начин да обезбедиме 100 проценти регистрација“.
Британските патници и во некои други земји се соочиле со долги одложувања, па француската полиција во мај привремено ги суспендираше дополнителните проверки во пристаништето Довер.
Од друга страна, Грција се откажа од своето претходно ветување да ги поштеди британските патници од биометриски проверки до септември. Често се случува патниците кои веќе поминале низ ЕЕС – и кои треба да можат да ги заобиколат редовите – да бидат принудени повторно да поминат низ проверки.
Штефан Шулте, претседател на европското здружение на аеродроми АЦИ Европа, во вторникот за Би-би-си изјави дека одлуката за суспендирање на системот мора да ја донесат поединечните влади на членки на ЕУ, а не аеродромите. Тој кажа дека политичарите треба „да престанат да се преправаат… дека ЕЕС работи совршено. Бидејќи не функционира“.
На почетокот на мај Европската комисија се повика на „вградената флексибилност“ на системот, што би овозможило суспендирање на некои од неговите функции. Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА) соопшти дека времето на чекање на некои аеродроми може да биде долго и до шест часа во текот на летото, а веќе се пријавени чекања до три и пол часа во шпицот.
„Два месеци по неговото воведување, системот создава долги редици, пропуштени летови и растечка загриженост низ целата туристичка индустрија“, соопшти ИАТА минатата недела. Уку Сарекано, заменик-извршен директор на граничната агенција на ЕУ Фронтекс, на настан во Лондон овој месец изјави дека ситуацијата можеби нема да се „стабилизира“ уште две години.






