четврток, 25 јуни 2026

Медиуми: Германец што го советува Вучиќ го плаќа германската влада

Германецот Јерг Хескенс го советува српскиот претседател Александар Вучиќ веќе 13 години, а е платен од германската влада. Во голема мера, се фокусира на заштитата на германските економски интереси во Србија, објави денес Балканската истражувачка мрежа (БИРН), врз основа на истрагата за вмешаноста на Хескенс спроведена во соработка со Шпигел, пренесува хрватски Индекс.

Фото: Принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Истражувањето на БИРН и германскиот магазин се фокусира на документацијата што БИРН ја собирале повеќе од шест месеци од германските институции согласно Законот за достапност на информации од јавно значење. Документацијата се однесува на ангажманот на Хескенс од 2020 година до денес и покажува дека за време на владеењето на Вучиќ, Србија „станала сервисна економија на германското стопанство“ и дека „претставниците на германските власти во Вучиќ гледале лице со кое можеле директно да склучуваат деловни договори“.

„Јас го викам „мој Швабо“, тој мене ме вика „мој див Србин“. Така разменуваме комплименти“, кажа Вучиќ во февруари 2023 година на отворањето на фабриката на германската компанија Континентал во Нови Сад, опишувајќи ја блискоста на неговиот однос со Хескенс, својот советник за германски инвестиции.

Ангажманот на Хескенс, според БИРН, отвора „голем број уставни, правни и политичко-безбедносни прашања“.

Двата медиума откриваат детали за неговата вмешаност, тајни состаноци и планови за проектот за рударство на литиум Јадар пред и по неговото запирање, како и финансиските ресурси што Германија ги намени за поддршка на рударството во услови на студентските протести со кои се бара владата да ги запре проектите на рударската компанија Рио Тинто.

Документацијата до која дошле БИРН и Шпигел покажува дека соработката меѓу Вучиќ и Германија е првенствено фокусирана на проектот за рударство на литиум во западна Србија. Во времето на потпишувањето на договорот, како што е наведено, српската јавност не била запознаена со улогата на Германија во проектот, ниту со нивните договори со претседателот Вучиќ.

Овие два медиуми откриваат дека проектот Јадар останал приоритет на германското партнерство со Вучиќ дури и за време на минатогодишните големи антивладини граѓански протести предводени од студентското движење, поттикнати од смртта на 16 лица при падот на стреата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година.

Соработката за развој на планови за рударство на литиум во 2025 година беше дополнително прецизирана бидејќи Берлин издвои 4,9 милиони евра за помош во спроведувањето на проектот Јадар. Исто така, беше договорено и доаѓањето на германски експерти кои треба да ги советуваат српските институции задолжени за одобрување на рударски проекти.

Документацијата добиена од БИРН и Шпигел „сугерира дека на властите однапред им било јасно дека запирањето на проектот пред изборите во 2022 година е привремено“, со оглед на тоа што само еден месец по изборите, Вучиќ и тогашниот германски канцелар Олаф Шолц разговарале за рестартирање на проектот „и покрај загриженоста на дел од српското население“.

БИРН открива и дека потпишувањето на Меморандумот за соработка во областа на критичните суровини со ЕУ за време на посетата на Шолц во јули 2024 година „било подготвено месеци претходно во рамките на соработката меѓу Вучиќ и Германија“, и тоа пред одлуката на Уставниот суд со која законски се рехабилитира проектот Јадар во Србија.

Професорот од Универзитетот во Грац Флоријан Бибер за БИРН вели дека германската влада, со партнерството со Вучиќ, „всушност ја поддржува уставната злоупотреба што Вучиќ ја врши контролирајќи сè“.

По прашањата од БИРН и Шпигел, Хескенс отстранил од својот профил на Линкдин дека е советник на шефот на српската држава и го го изменил па пишува само дека работи во кабинетот на претседателот, според БИРН во обемната статија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ