Според информациите објавени од медиумот, инцидентот се случил во саботата, кога белите волци наводно успеале да ископаат дупка под оградениот простор и да излезат од живеалиштето.
Волци избегале од живеалиштето во ЗОО Скопје, усмртиле кенгури и птици
Сериозен инцидент се случил во Зоолошката градина во Скопје, откако белите волци наводно избегале од своето живеалиште и усмртиле неколку животни и птици.

Објавено на
часот
Сподели
Како што наведува Петс.мк, при бегството волците нападнале и усмртиле четири кенгури и неколку ему птици. Според нивните извори, на вработените во Зоолошката градина им биле потребни неколку часа за да ги пронајдат и повторно да ги вратат животните во нивното живеалиште.
Од Зоолошката градина во Скопје засега нема официјална потврда или соопштение за настанот. Според Петс.мк, в.д. директорката на ЗОО Скопје, Катерина Костова, не одговорила на нивните повици за да даде појаснување за околностите под кои се случил инцидентот, како и за безбедносните мерки во живеалиштето на волците.
Здруженија и активисти за заштита на животните – Анима Мунди, јавно побараа одговори од Зоолошката градина во Скопје во врска со информациите за можно бегство на волци и угинување на повеќе животни, меѓу кои кенгури и ему-птици.
Анима Мунди: Молкот на ЗОО Скопје отвора сериозни прашања за безбедноста на животните
Анима Мунди велат дека има низа прашања за начинот на кој се спроведувал надзорот во установата, барајќи објаснување како е можно волците, доколку навистина избегале од оградениот простор, со денови или недели да копаат дупки без тоа да биде забележано.
Активистите предупредуваат дека станува збор за сериозен безбедносен проблем и прашуваат кој ќе ја преземе одговорноста за угинатите животни, како и кои мерки биле преземени за спречување на вакви инциденти.
Тие бараат итна, независна и темелна истрага, со јавно објавување на сите факти и утврдување на евентуална одговорност кај лицата кои, како што наведуваат, со постапување или непостапување придонеле за настанатата состојба.
Меѓу барањата е и воведување мораториум на размножување, набавка и внесување нови животни во ЗОО Скопје сè додека не се обезбедат соодветни услови за безбедност и благосостојба на животните кои веќе се сместени таму.
Според нив, потребно е Зоолошката градина да започне процес на трансформација во центар за згрижување и рехабилитација на животни, наместо да продолжи со практиката на набавка на нови единки.
Од ЗОО Скопје засега нема официјална реакција на изнесените обвинувања и барања. Доколку се потврдат информациите за инцидентот, јавноста очекува надлежните институции да ги утврдат сите околности и евентуалните пропусти во работењето на установата.





