Долго се веруваше дека околу 90 км/ч е идеална брзина за најниска потрошувачка на гориво, но поновите истражувања покажуваат поинаква слика.
Потрошувачката не зависи само од брзината, туку и од ефикасноста на работата на моторот, менувачот и времето поминато во возење.
При многу ниски брзини (10-40 км/ч), потрошувачката е релативно висока бидејќи моторот работи подолго време и често со неповолни вртежи.
Како што брзината расте, ефикасноста се подобрува, а потрошувачката опаѓа – сè до оптималната точка.
Според студијата на францускиот истражувачки центар Серема, минимална потрошувачка се постигнува со брзина од околу 70 км/ч. Тогаш моторот работи во оптимален режим, а отпорот на воздухот сè уште не е доминантен фактор.
Веќе од околу 80 км/ч, отпорот на воздухот почнува значително да влијае на потрошувачката, и тоа не линеарно, туку експоненцијално.
Тоа значи дека зголемувањето на брзината носи непропорционално поголеми трошоци за гориво, пишува Ревија ХАК.
Кај електричните возила, овој ефект е уште поизразен, бидејќи повисоките брзини директно го намалуваат опсегот. Разликата помеѓу 110 и 130 км/ч може да значи повеќе од 25 проценти поголема потрошувачка на енергија.
Заклучокот е јасен: ниту многу бавно ниту пребрзото возење не се економични. Најдобрата рамнотежа се постигнува при умерени брзини од околу 70 км/ч, каде што потрошувачката, времето на патување и оптоварувањето на моторот се оптимално усогласени.






