петок, 24 април 2026
Катерина Климоска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Квалитет без независност, европски стандарди и македонската реалност

Збор-два за предлог законот за обезбедување квалитет во високото образование.

Реформите во високото образование, на која и да било власт кај нас, речиси секогаш почнуваат со амбицијата за „подобрување на квалитетот“, „подобрување на образованието“.  Но, во европскиот контекст, квалитетот не е само политичка цел или нормативна декларација. Тој е институционален принцип, прецизно дефиниран преку заеднички стандарди, процедури и вредности во практика. Токму затоа, рамката на ENQA и ESG стандардите не претставуваат само технички упатства, туку договор за тоа што значи кредибилен систем на обезбедување квалитет.

Во сржта на тој договор се наоѓа независноста. ESG јасно утврдува дека агенциите треба да делуваат автономно, без влијание од трети страни во донесувањето на одлуките. Оваа одредба не е формална, туку суштинска. Независноста е предуслов за доверба, а довербата е предуслов за функционирање на европскиот простор на високо образование. Без неа, не постои ниту кредибилност, ниту меѓународна препознатливост.

Европските анализи во изминатата деценија континуирано укажуваат на една клучна тензија – разликата помеѓу декларативна и реална независност. Многу системи формално ги преземаат ESG стандардите, но во пракса задржуваат механизми на институционална или политичка контрола. Токму оваа „сива зона“ е препознаена како една од најголемите слабости во развојот на системите за квалитет. ENQA во своите тематски анализи укажува дека независноста не се исцрпува со законска формулација, туку се мери преку тоа кој навистина ги носи одлуките и под чие влијание тие се донесуваат.

Во таа смисла, европскиот модел не е изграден врз контрола, туку врз доверба. Универзитетите имаат автономија да го развиваат својот квалитет, додека надворешните агенции обезбедуваат независна и експертска евалуација. Овој однос е деликатен, па доколку агенциите станат продолжена рака на извршната власт, тогаш квалитетот се трансформира во административна категорија, а не во академски процес.

Регионалните искуства дополнително ја потврдуваат оваа теза. Примерот на Република Косово е особено релевантен, бидејќи покажува како може да се структурира систем кој бил со послаби институционални капацитети од нашиот, кон систем што денес е поблиску до европската логика – од нашиот. Агенцијата за акредитација на Косово функционира како институција во која процесот на акредитација и евалуација е концентриран во рамките на самата агенција, а одлуките ги носи Совет за квалитет со вклученост на меѓународни експерти. Клучното е што експертската проценка не е само советодавна, туку финална. Во таков модел, одговорноста и авторитетот се наоѓаат таму каде што е и експертизата. Тоа е суштината на ESG- одлуките за квалитет да произлегуваат од професионална проценка, а не од политичка верификација.

Но, европскиот простор нуди и предупредувачки примери. Случајот на Грузија покажува колку е кревка оваа рамнотежа. И покрај формалната усогласеност со европските стандарди, проблемите со независноста и влијанието врз одлуките доведоа до сериозни последици во високото образование во Грузија, меѓу кои и намалена доверба, институционални тензии и доведување во прашање на меѓународната позиција на системот. Ова искуство јасно укажува дека независноста не е прашање на формална усогласеност, туку на практична имплементација.

Во македонскиот контекст, реформските обиди повторно се движат во рамки на познатата парадоксална логика, односно препознавање на проблемите, но нивно решавање преку инструменти што не се целосно усогласени со европските принципи. Не може да се негира дека постои обид за корекција на долгогодишни негативни трендови во високото образование. Но прашањето е дали интервенционистички пристап, кој ја релативизира независноста, може да доведе до вистински квалитет.

Европските искуства укажуваат дека не може. Квалитетот не се создава со засилување на контролата, туку со јакнење на институционалниот капацитет и довербата во системот. Ова нѐ носи до уште една суштинска точка што често се занемарува во домашните дебати: имплементацијата. Законот, сам по себе, не создава резултати. Резултатите ги создаваат луѓето и институциите што го спроведуваат.

Токму тука македонскиот систем се соочува со својата најголема слабост. Реформите се очекува да ги реализираат истите структури кои со години се дел од проблемот. Во таков контекст, европските стандарди се сведуваат на формална рамка, додека практиката останува непроменета. Ова создава циклус на постојани реформи без суштински резултати, односно амбициозни закони, ограничена имплементација и разочарувачки резултати.

Оттука, македонската дилема не е техничка, туку системска. Не станува збор само за тоа дали законските решенија се добро формулирани, туку дали тие се поставени во институционален контекст што може да ги реализира. Европскиот модел функционира затоа што се потпира на култура на професионализам, интегритет и одговорност. Без тие елементи, секој обид за усогласување останува на ниво на декларација.

Затоа, прашањето што стои пред нас не е дали ќе воведеме европски стандарди, туку дали ќе создадеме услови тие да функционираат. Разликата помеѓу европеизација и нејзина симулација не е во јазикот на законите, туку во нивната практика.

Зашто квалитет без независност не е квалитет.

Тоа е симулација.

А симулациите, порано или подоцна, секогаш се препознаваат.

Катерина Климоска

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Енергетска безбедност во националниот план за енергија и клима 2025-2030

Јове Кекеновски

Едно државјанство за вршење јавна функција: принцип или политичка парола?

Александар Стојановски

Берлинска стратегија: Европа ја плаќа цената на војната

Братислав Димитров

Фестиваломанија

Сју Јинг

Провокацијата со јапонскиот разурнувач е нов чекор во обидот да се...

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ