„Како политичка партија која активно учествуваше во креирањето и унапредувањето на законската рамка во оваа област, сметаме дека секоја измена мора да значи повисоки еколошки стандарди, поголема транспарентност и посилна заштита на граѓаните – а не олеснување на процедурите на штета на природните богатства и здравјето на луѓето.
Особено загрижува фактот што вакви важни законски измени се носат по скратена постапка, без широка јавна дебата, без вклучување на експертската јавност, локалните заедници и граѓанските организации кои со години предупредуваат на ризиците од неодговорно управување со минералните ресурси“, се наведува во реакцијата на ДОМ.
Минералните суровини се ограничено национално богатство и со нив мора да се управува стратешки, одговорно и долгорочно, укажуваат од партијата.
„Недозволиво е профитот на поединци или интересите на крупни компании да се ставаат пред чистата вода, плодното земјиште, здравата животна средина и иднината на локалните заедници.
Македонија веќе има примери каде граѓаните јасно кажаа ‘не’ на проекти кои носат сериозни еколошки ризици. Наместо повторно отворање на прашања кои предизвикуваат оправдан страв кај јавноста, потребни се политики кои ќе обезбедат одржлив економски развој, зелени инвестиции и заштита на природните ресурси“, велат од ДОМ.
Притоа во реакцијата, од ДОМ бараат: целосна транспарентност за предложените законски измени; повлекување на решенијата кои ги намалуваат механизмите за контрола и заштита; задолжителна јавна дебата со експерти, граѓани и локални заедници; усогласување на законите со највисоките европски еколошки стандарди.
„Природните ресурси не се предмет за брза распродажба. Тие се заедничко наследство на граѓаните и обврска кон идните генерации. ДОМ ќе продолжи гласно да се спротивставува на секој обид за слабеење на еколошката заштита и ќе остане на страната на граѓаните, природата и одржливиот развој“, порачуваат од Демократска обнова на Македонија.






