Во последните предлози се наметнува идејата пратениците да имаат исклучиво македонско државјанство. На прв поглед, тоа звучи логично. Пратениците носат закони, одлучуваат за буџетот и ја креираат насоката на движење и функционирање на државата. Но тука се отвора едно многу поважно прашање: зошто ова правило да важи само за нив?
Ако зборуваме за лојалност кон државата и граѓаните, тогаш таа не завршува во Собранието. Министрите управуваат со ресори од витално значење како енергетика, внатрешни работи и безбедност, одбрана, финансии, економија, образование, надворешна политика… Директорите на институции раководат со јавните ресурси. Судии и обвинители одлучуваат за правдата. Овие позиции имаат директен пристап до доверливи информации, влијание врз стратешки одлуки и контрола врз значајни јавни средства. Ако постои ризик од конфликт на интереси или влијание од друга држава, тогаш тој ризик не е помал кај овие функции, напротив, често е поголем.
Затоа, принципот мора да биде јасен и еднаков: ако постои правило за државјанство, тоа треба да важи за сите носители на јавни функции. Во спротивно, законот не делува како принцип, туку како селективна мерка.
Но, тука е важно да се направи една клучна разлика. Ова не е прашање на забрана на двојното државјанство за граѓаните. Во современиот свет, двојното или тројното државјанство е широко прифатена појава и е резултат на миграции, глобализација, мешани бракови и историски околности. Прашањето, сепак, не е личното право, туку јавната одговорност.
Искуствата од други држави покажуваат дека оваа дилема не е нова. Во Соединетите Американски Држави, Уставот бара претседателот да биде „natural-born citizen“, односно лице родено како американски државјанин, токму за да се избегне какво било сомневање во поделена лојалност. Во Германија, двојното државјанство е дозволено, но за одредени чувствителни позиции, особено во безбедносните служби и државната администрација, се применуваат строги проверки и ограничувања. Во некои балкански држави, пак, постојат законски или политички иницијативи за ограничување на двојното државјанство кај носителите на високи функции, токму поради прашања на доверба и влијание.
Овие примери не значат дека постои едно универзално решение, но покажуваат една заедничка логика: колку е повисока функцијата и поголема одговорноста, толку се построги критериумите за лојалност и интегритет.
Оттука, прашањето треба да се постави јасно: дали лице што врши висока јавна функција треба да има недвосмислена правна и политичка припадност само кон една држава? Одговорот што се наметнува е ДА, но исклучиво како услов за вршење јавна функција, а не како ограничување на граѓанските права.
Токму затоа решението може да биде едноставно и фер. Секој граѓанин има право да има повеќе државјанства. Но, ако одлучи да влезе во државната власт, тогаш треба да избере. Не затоа што е сомнителен, туку затоа што функцијата бара јасен интегритет, правна чистота и недвосмислена лојалност.
Овој принцип не значи исклучување. Напротив, остава простор за секого. Доколку некој нема македонско државјанство, може да го стекне. Доколку има повеќе државјанства, може да се откаже од другите. Слични принципи постојат и во други области, како спортот, каде што настапот за една држава подразбира јасна определба и исклучивост.
Прашањето на крајот не е правно, туку политичко и етичко: дали сакаме систем што важи подеднакво за сите, или правила што се менуваат во зависност од позицијата?
Закон што ќе важи само за пратениците ќе остави впечаток на половично решение. Закон што ќе важи за сите пратеници, министри, директори, судии, обвинители и други високи функционери ќе испрати порака дека државата има јасни, конзистентни и правично применети стандарди.
Секако, вакво решение мора да биде внимателно спроведено. Потребен е разумен рок за усогласување, транспарентна институционална проверка и правна сигурност. Но најважно од сè е принципот: јавната функција не е само право, туку и одговорност која бара повисок степен на отчетност од обичниот граѓанин.
Во време кога довербата во институциите е кревка, токму ваквите јасни правила можат да направат разлика. Не затоа што ќе решат сè, туку затоа што ќе постават граница дека оние што управуваат со државата, носат одлуки во име на една држава и со целосна одговорност кон неа.
Или поедноставно: не е спорно двојното или тројното државјанство. Спорно е практикувањето повеќе лојалности кога се носат одлуки за една држава.
Проф д-р Јове Кекеновски











