среда, 22 април 2026

Месиќ во Јасеновац го обвини хрватскиот државен врв дека ја толерира релативизацијата на НДХ

Поранешниот претседател на Хрватска Стјепан Месиќ денес во Јасеновац изјави дека хрватскиот државен врв ја толерира релативизацијата на усташката НДХ и злосторствата од Втората светска војна.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Доволно ви е што премиерот оди да му оддаде почит на еден НДХ носталгичар. Срамно е, но што да правиме“, кажа Месиќ по комеморацијата по повод 81-годишнината од пробивот на затворениците од усташкиот логор Јасеновац, пренесува Хина.

Минатата година хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ со својот малолетен син присуствуваше на пробата на контроверзниот пејач Марко Перковиќ Томпсон пред концертот во Загреб, но не беше на самиот концерт, на кој присуствуваа околу половина милион луѓе од Хрватска и странство.

Месиќ денес изјави дека големиот проблем е во образованието каде што „се случува релативизација“ и додаде дека младите луѓе не учат за тоа што се случило во Втората светска војна.

„Концентрациониот логор Јасеновац бил губилиште, едно од најпознатите во Европа, каде што луѓето доаѓале да бидат убивани затоа што биле од друга вера или од друга националност“, нагласи Месиќ.

Тој истакна дека НДХ е криминална творба создадена за убивање.

„Ако знаеме што било тоа, тогаш сите тие дискусии што ставаат знак прашалник за тоа што била НДХ се излишни. Изненаден сум кога гледам млади луѓе, не поради нив, туку кој ги учи, кои се тие професори кои нив ги воспитуваат. Тие сега ставаат знаци на НДХ на нивната опрема, „За дом спремни“, и кога би дошле тука да видат што се случувало, нема да имаме проблем со овие носталгичари за НДХ“, кажа Месиќ, кој беше претседател на Хрватска два мандата.

Тој кажа дека има неинформирани луѓе, но и оние „зли кои многу добро знаат што била НДХ, дека тоа било злосторство во идеја и извршување и дека тука нема никаква средина“.

Во Јасеновац, денес се одржа комеморацијата „Сеќавање за иднината“ по повод 81-годишнината од пробивот на затворениците од логорот Јасеновац.

На комеморацијата присуствуваа премиерот Андреј Пленковиќ, претставникот на хрватскиот претседател Орсат Миљениќ, претседателот на парламентот Гордан Јандроковиќ, градоначалникот на Загреб Томислав Томашевиќ, неколку министри, претставници на народите на жртвите, здруженија на антифашисти и преживеани од логорот.

Покровител на комеморацијата е хрватскиот парламент, а специјалната програма се одржа пред споменикот Цвијет.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ